Ендрју Парсонс истакна дека инклузијата на лицата со инвалидитет преку спортот е мошне важна работа, велат од Македонскиот параолимписки комитет

Претседателот на Интернационалниот параолимписки комитет (ИПЦ), Бразилецот Ендрју Парсонс, е гостин на Македонскиот параолимписки комитет (МПОК), во рамките на посетата на земјите од Југоисточна Европа. Претходно Парсонс беше во Црна Гора, а ќе ги посети Србија и БиХ.
– Во мошне пријателска и работна атмосфера по пристигнувањето на претседателот Парсонс одржавме работен состанок, на кој дискутиравме за воочените проблеми со кои се сретнува МПОК за масовно вклучување млади лица со инвалидитет во спортот и во рекреативните активности. А едни од тие проблеми се и непристапноста на спортските објекти, недостиг од опрема и специфични спортски реквизити, адаптиран јавен превоз, на посебни образовни програми за работа на часови по физичко образование со деца и младинци со инвалидитет, недоволно едуцирани тренери за работа со спортисти со инвалидитет; недоволни финансиски средства… Истакнавме дека во повеќе наврати организиравме тркалезни маси на кои присуствувале претставници на наши клубови, претставници на институции, спортски работници и на истите тие беа донесени повеќе заклучоци за надминување на оваа состојба – велат од МПОК.
Во Скопје дојдоа и претседателите на параолимписките комитети на Хрватска, Ратко Ковачиќ, и на Црна Гора, Игор Томиќ.
– Парсонс истакна дека инклузијата на лицата со инвалидитет преку спортот е мошне важна работа и дека очекува максимална поддршка од државата кон Македонскиот параолимписки комитет, не само за финансирање на врвниот спорт туку и за одредени програми за промоција на вредностите на параолимпизмот и масовно вклучување на лицата со инвалидитет во спортот преку обезбедување соодветни услови и финансии за тоа. Потоа гостите имаа средба со министерот за спорт Борко Ристовски, кој истакна дека министерството се обидува да им даде максимална поддршка на спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти на транспарентен начин. Таква поддршка му е дадена и на Македонскиот параолимписки комитет, на дел од неговите здружени клубови и на врвните параолимпијци и таа поддршка ќе продолжи и во иднина – информираат од МПОК.
Гостите се сретнаа и со претседателот на Македонскиот олимпискиот комитет, Даниел Димевски, на која беше истакната исклучителната соработка помеѓу двата комитета, но и беа предложени конкретни идеи за аплицирање на заеднички проекти за афирмација на спортот на лицата со инвалидитет преку програмата „Еразмус плус“. Притоа Јовановски им врачи плакети на гостите за долгогодишната успешна соработка на полето на развој на спортот на лицата со инвалидитет, со надеж дека таа и понатаму ќе трае и ќе се надградува.
– Во салата „Јане Сандански“ во Скопје присуствувавме на тренингот на кошаркарите во колички, каде што претседателот Парсонс имаше можност да се запознае со активностите на параолимпискиот комитет и желбата еден ден овие натпреварувачи да заиграат во НЛБ ВИЛ-лигата – додаваат од Македонскиот параолимписки комитет. Г.И.