Благодарна сум им на мојот клуб Миоки, на тренерот Игор Паскоски и на селекторот Александар Фузевски, кои веруваа во мене, како и на Џудо-федерацијата на Македонија за дадената шанса да се докажам, ни изјави по освоениот медал славеничката Борјана Поп Атанасова
ПО ПРВИОТ ДЕН НА ЕВРОПСКИOT ЈУНИОРСКИ ЏУДО-КУП ВО СКОПЈЕ
Македонската јуниорска репрезентативка во џудо, членка на скопскиот клуб Миоки, Борјана Поп Атанасова, постигна голем успех на првиот натпреварувачки ден од вториот Европски јуниорски џудо-куп, кој вчера, пак, со вториот натпреварувачки ден и попладневните борби за медали се одржа во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје Успехот дотолку е поголем ако се знае дека конкуренцијата на овој куп е мошне силна, оти учествуваа вкупно 269 натпреварувачи, од кои 163 џудисти, а 106 џудистки, од 26 земји. Боите на Македонија ги бранеа 19 натпреварувачи, од кои десет во машка и девет во женска конкуренција, предводени од селекторот на јуниорската репрезентација Александар Фузевски. Вчера требаше да настапат уште осум македонски репрезентативци.
– Со ова натпреварување, по извесна пауза, повторно се разбудија мојата страст за вежбање и љубовта кон џудото. Овој медал секако дека претставува поттик да продолжам да се развивам и да вложувам труд во спортот. Иако не очекував, сепак се надевав дека можам да постигнам успех, односно да освојам медал. Благодарна сум им на мојот клуб Миоки, на тренерот Игор Паскоски и на селекторот Александар Фузевски, кои веруваа во мене, како и на Џудо-федерацијата на Македонија за дадената шанса да се докажам – задоволно ни изјави по освоениот медал славеничката Борјана Поп Атанасова.
Поп Атанасова, која настапи во тежинската категорија над 78 килограми, а која во борбата за бронзениот медал ја предводеше нејзиниот тренер Игор Паскоски, со помош на селекторот Фузевски, со извонредна борба успеа да ја совлада претставничката на Словенија, Тара Јањиќ, со ипон освоен уште во првата минута од борбата, што предизвика големо воодушевување кај присутната публика во СЦ „Јане Сандански“ и кај македонската репрезентација.
Според зборовите на Паскоски, ова е прв јуниорски медал на Македонија во оваа конкуренција по 2018 година, но мошне значаен за Македонија, која по вторпат во низа е организатор на овој Европски јуниорски џудо-куп во Скопје, по оној што се одржа минатата година, на кој македонските преставници не освоија медал.
Свеченото отварање на Европскиот јуниорски џудо-куп, во одлична организација се одржа во саботата попладне, а за отворен го прогласи претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, кој притоа на сите учесници им посака успех и убав престој во Скопје.
По свеченото отворање следуваше финалниот блок на борби за медали и нивно доделување. Вториот и последен натпреварувачки ден беше предвиден за вчера претпладне, додека борбите за медали следуваа попладнето.
Од денеска, пак, Европскиот јуниорски џудо-куп во Скопје ќе биде дополнет и со тридневен џудо-камп. Високото ниво на овој спортски настан го потврди и присуството на високи функционери на Европската џудо-унија (ЕЏУ), како и на Светската џудо-федерација (ИЏФ), меѓу кои беше и потпретседателката на ЕЏУ, Катарина Родригез.
Како што е познато, лани ЏФМ беше домаќин на првиот Европски јуниорски џудо-куп исто така во Скопје, а на кој учествуваа 223 џудисти од 29 земји од цела Европа, Америка, Канада и Саудиска Арабија. Поради одличната организација и високите оценки што притоа ги доби ЏФМ, од страна на ЕЏУ и ИЏФ за организирањето на ваков настан, на ЏФМ годинава повторно ѝ беше доделена организација на уште еден настан од највисок меѓународен спортски ранг. Наредната година ЏФМ ќе биде организатор и домаќин на Европското првенство за кадети. Нова шанса за организациско докажување и, секако, за освојување медали за македонските претставници. Г.И.