Фото: Маја Јаневска-Илиева

Светската атлетика издвои неколку од многуте настани, како трките за атлетичари на 400 м со пречки и на 800 м, трката на 1.500 м за жени, дебито на мешаната штафета во брзо одење на маратонската дистанца…

Со денешната трка во брзо одење на 20 км за мажи и за жени почнуваат натпреварите во атлетика на Летните олимписки игри (ЛОИ). Македонија ќе има еден претставник, Дарио Ивановски, во маратонската трка на 10 август. Според најавите, се очекува настап на повеќе од 1.800 атлетичари, кои ќе се натпреваруваат за 48 златни медали. Светската атлетика (СА) издвои неколку моменти во пресрет на почетокот на натпреварите.
Сегашната генерација на ѕвезди во трките на 400 метри со пречки ја однесе таа дисциплина на друго ниво. И Сиднеј Меклафлин-Левроне и Карстен Ворхолм поставија светски рекорди за освојување на нивните олимписки титули на ЛОИ во Токио, а Меклафлин-Леврон оттогаш го подобри женскиот рекорд уште трипати, пишува СА. Во Париз ќе има судир на најдобрите две атлетичарки во историјата, Меклафлин-Левроне и Фемке Бол, а кај мажите се вклучени Ворхолм, Раи Бенџамин и Алисон дос Сантос, трите најбрзи на вечната листа. Сите петмина веќе сезонава ги израмнија или ги подобрија светските рекорди поставени пред трките во Токио.
Откако се одржа на Светскиот тимски шампионат во брзо одење во Анталија во април, мешаната штафета ќе го има своето олимписко деби. На 7 август мешаната штафета ќе има 25 репрезентации, секоја со по еден маж и една жена, кои ќе се тркаат на маратонската дистанца од 42,195 км во четири етапи. Ниту една жена не победила во иста индивидуална трка трипати на ЛОИ, а само една атлетичарка во историјата на Игрите некогаш остварила хет-трик, Анита Влодарчик во фрлање кладиво, пишува СА. Како двократна освојувачка на олимписко злато на 1.500 м, светската рекордерка од Кенија Фејт Кипјегон оди на ЛОИ во Париз со шанса да направи историски резултат. Трката на 800 м влезе во фокусот во пресрет на ЛОИ 2024 со пет од најдобрите 13 настапи на сите времиња забележани во изминатите два месеца. Алжирецот Џамел Сеџати, Кениецот Емануел Ванјони и Габриел Туал од Франција сега се на третото, четвртото и петтото место на светската вечна листа.
Лиза Фердинанд и Џема Кастано веќе постигнаа серија први во нивните кариери како технички службеници. Секоја од нив ќе додаде уште еден на ЛОИ 2024, бидејќи меѓународниот стартер Фердинанд ќе стане првата жена што ќе стартува трка на 100 метри за мажи на ЛОИ, а Кастано ќе стане првата жена што ќе ја има улогата на главен судија на Игрите, пишува СА. Ѕвездата на Франција во фрлање диск Мелина Роберт-Мишон во Париз ќе се натпреварува на седмите ЛОИ. Таа го освои сребрениот медал на ЛОИ 2016 во Рио и кога ќе се натпреварува утре, 45-годишната атлетичарка, која беше знаменоска на земјата домаќин на церемонијата на отворањето, ќе го израмни рекордниот број настапи за атлетичарка на ЛОИ… Н.М.


ОСВОЈУВАЧИ НА МЕДАЛИ НА ЛОИ 2024

ЗЕМЈА ЗЛ. СР. БР.
Кина 7 6 2
Јапонија 7 2 4
Франција 6 9 5
Велика Британија 6 5 5
Австралија 6 4 1
Јужна Кореја 5 3 3
САД 4 11 11
Италија 3 5 4

Извор: ИОК
табелата е по вчерашните претпладневни финалиња, а вчера на програмата беа доделени медали во вкупно десет спорта