Почина рускиот алпинист Александар Кленов, кој изминативе години живееше во Демир Капија и ја промовираше демиркаписката клисура во светот.
Негови блиски и пријатели се простуваат од него на социјалните мрежи.
– Демир Капија ја сакаше како родно место! Повеќе и од некои родени демиркапијци. Направи многу за неа! Почивај во мир – напиша на социјалните мрежи граѓанската активистка, доктор Кристина Николовска.
Таа потсети дека стануваше збор за човек кој бескрајно ја сака природата и ги учеше своите две малолетни деца, како и сите други луѓе, како да се сака природата и како да се води здрав живот.
Кленов пред неколку години крај железната порта изгради свој дом и одлучи каменото царство и реките Вардар, Бошавица и Дошница да бидат дел од неговото семејство.
Железната Порта отвора нови хоризонти на алпинизмот
– Уште од мали нозе ја сакам природата. Започнав со планинарење, продолжив со спортско качување, за да станам мајстор по алпинизам. Карпите ми се во крвта, што се вели, тие се мојата втора љубов, после семејството. Сум имал бројни авантури низ светот, искачувајќи камени ѕидови во секакви временски услови и под разни околности. Демиркаписката клисура ме освои на прв поглед уште пред неколку години и решив тука да пуштам корени – изјави во една прилика човекот кој многумина го поистоветуваа со своевидна верзија на Тарзан или Терминатор.
Неколку години, благодарение на него, бројни алпинисти и алтернативни туристи го посетуваат малото место богато со природни богатства, историја, археологија, традиција и култура.
– Мојата мисија е и понатаму да го промовирам овој дел од светот кој заслужува да биде виден – дециден беше своевремено Кленов.