Постојат 18 сектори за спортско качување и над 200 насоки - Фото: Сања Јачевска

#РаскажиНиЗаМакедонија – Демиркаписка Клисура

Грандиозна карпа поставена под агол од околу осумдесет степени. Краток вовед за однесување на качување на карпа. Брифинг за основните правила. Задолжително вооружување со заштитна опрема. И тргнуваш по вертикалата. Се мери секој чекор, секој потег. Дури и двапати мериш пред да се поместиш од тежиштето. Се лоцираат пукнатините, жлебовите во карпата, и се движиш во висина. Се одлепуваш од земјата. Пулсот ти се забрзува. Срцето си го слушаш во ушите. Концентрацијата не ја попушташ. Адреналинот ти скока како на трамбулина. Го пуштам радарот за звук на најјако. Го слушам гласот на мојот гуру во моментот, алпинистот Дарио Милошевиќ: „Помести се налево, крени ја десната нога, имаш отвор надесно, можеш уште малку…“
Не е лесно, но далеку од невозможно како што замислував, мрморам во себе.
Ја чувствувам надмоќта на карпата. Ја зумирам величественоста одблиску. Се држам како приврзок за неа. Се чувствува како нејзината струја циркулира во крвта. Се оросува телото со пот.
Возбуда, адреналин, еуфорија и срамежлив страв скокоткаат. Се фрла светлина врз нова палета емоции што го бојат внатрешниот свет. Како и со сѐ што искусуваш првпат.

Кленов се стреми да ја позиционира Демиркаписката Клисура како атрактивна алпинистичка дестинација

НЕОГРАНИЧЕН СПЕКТАР ЗА ИСКАЧУВАЊЕ

Демиркаписката Клисура е природно заградена од источната страна со разграноците на Серта и Градешка Планина, а на западната со Краставец и Кожуф. Четврта по ред клисура на Вардар. Предел насликан со маркантни исенчени пејзажи, каде што доминираат импресивни карпи. Маестрално творештво на природата. Многу енигми скриле карпите за спелеолозите. Има вкупно 13 пештери, од кои најпознати се Бела вода и Змејовец. Предел посаден со историја, археологија… Никнала и долина на кактусите до некогашното село Клисура, на падините на ниската планина Краставец. Тука е еден од најбогатите орнитолошки резервати во Европа според застапеноста на ретките грабливи птици.

Но она со што замајува е неограничениот спектар за искачување. Демиркаписката Клисура има перфектна конфигурација за алпинизам и спортско качување. Уште во 1974 година клисурата е мапирана од алпинистите. Во последниве шест години расте бројот на маркирани вертикални патеки. Од едвај 50, сега се исцртани над 200 насоки. Повеќето од Александар Кленов, алпинист од Русија, кој пред шест години се преселил во Македонија. Импресиониран од потенцијалот со кој располага Демиркаписката Клисура, си дал задача светот да чуе за овој крај и многу алпинисти и качувачи да го почувствуваат пулсот на варовничките карпи во Демир Капија.


Факти

Демиркаписката Клисура е четврта по ред клисура на Вардар
Уште во 1974 година е мапирана од алпинистите
Карпите достигнуваат висина до 1.000 метри


– Поминав многу време патувајќи низ светот. Сега се преселив овде за да го развијам реонот и да овозможам повеќе луѓе да го посетат и да ги почувствуваат предностите на Демир Капија, чие старо име е Железната Порта. Со моите пријатели постојано развиваме нови маршрути, организираме настани, фестивали, натпревари, планинарски тури. Уште во 1974 година бил забележан поволен терен за качување, но во последниве пет-шест години интензивно се работи на негово развивање. Сега постојат 18 сектори за спортско качување (повеќе од 200 правци имаат различна категорија тешкотии од 4 до 8) и бесконечен потенцијал за стари и нови линии за качување. Интересно и пријатно место. Туристите доаѓаат со план за еден-два дена, си одат по еден месец – вели Кленов, кој полека успева да ја позиционира Демиркаписката Клисура како атрактивна алпинистичка дестинација.

ЦЕЛОГОДИШНА ДЕСТИНАЦИЈА

Иако е Русин, Александар Кленов копајќи по историјата на крајов допрел до срцевината на Демир Капија. Ги раскажува приказните како да ги живеел овде. Ја затекнал клисурата со неколку насоки за качување, а сега, благодарение на него и неговите пријатели, со кои ја дели истата страст, има над 200 насоки за качување. И лесни и тешки, и едноставни и сложени, летни и зимски, на сонце и во сенка, долги и кратки… За сечија подготвеност – и за искусни, и за аматери, и за почетници.
– Видов голем потенцијал во Демир Капија. Идејата ми е да ја развијам како аутдор-центар, не само за качување туку и за кајакарство, планинарење, велосипедизам, спелеологија, за сите спортови. Секако, во фокусот ми е Демиркаписката Клисура. Овде има можности и за почетници, професионалци, за тренинзи, натпревари, за надминување себеси. Но допрва треба да се работи на промоција, за да успеам да го изградам во европски центар во алпинизам и качување. Цел кањон е два километра, така што има многу нешта на кои треба да се работи – вели Кленов.

Демиркаписката Клисура полека станува качувачки рај

Она што го прави атрактивен центар е севкупната природа. Грамадните карпи под 80 степени, долгиот кањонот покрај Вардар, суптилната Јуручка Река, која е притока на Вардар, тивкотијата на реонот, пристапноста кон карпите, добрата инфраструктура, близината на градот, можноста да се нагостиш во локалните кафеанчиња, да преспиеш во кампот. Па, еден ден да шеташ, друг да ловиш, трет да качуваш ја прават перфектна дестинација.


Пристапност

На неколку километри од Демир Капија
По текот на Вардар се наоѓа Демиркаписка Клисура
Повеќе страни од клисурата се погодни и мапирани за качување


– Организирам и аутдор-фестивал за да ги здружам сите федерации и клубови, кајак, параглајдерство, спелеологија, планинарење, култура, музика. Имам лиценца за спортско качување, правам обуки. Секој може да проба и да ја најде својата насока. Во иднина сакам местово да добие светско признание како алпинистичка дестинација. Има многу неоткриени карпи, неистражени пештери, многу авантури во природа, инфраструктура. Местово е примамлива целогодишна дестинација. Качувањето ќе биде дел од олимпијадата во 2020 година, како олимписка дисциплина, па се стремам да имаме и македонски претставници – додава Александар.

НАД 200 НАСОКИ

Најстрмните карпи се во камениот дел, при влезот на Вардар во клисурата. Има доволен број пукнатини за осигурување. Има неколку вертикали што се популарни за искачување. Тубург, Градинка, Ол инклузив, Славко Диско се само дел од осумнаесетте сектори… Некои се со поставени клинови. Некои треба си ги поставуваат самите качувачи. Хард рок, Свинско ребро, Чекор по чекор, Алпинист, Почетник, Фен шуи, Дожд, Магла, Кредит, Три лава, Баклава… се само дел од именуваните насоки. Именувани според моментално расположение или нешто што ја обележило насоката.
– Насоката Тубург или Двабург го доби името затоа што ја бележевме заедно со двајца качувачи, едниот од Екатеринбург, а другиот од Санкт Петербург, па затоа што се два бурга, ја нарековме Тубург.
Една нарековме Хамбургерберг затоа што на тоа место правевме обука со германска група. Една ја крстив Кинцаца, по филмот што син ми еден период го обожаваше. Оваа овде е Градинка оти е добра за почетници. Секој сектор има своја приказна – ни сподели Кленов.

МЕКА НА КАЧУВАЊЕТО

Импресивниот Вардарски ѕид и јужната страна на клисурата се најпримамлив дел. Овде има најмногу насоки, околу 70, во висина од 300 метри. А она што ја зголемува оцената е погледот што паѓа по текот на Вардар.
– Јужна стена, дел што им е омилен и на рибарите, има најмногу насоки. И секој си избира насока според својата подготвеност во качувањето. Мене Сахара сектор најмногу ми се допаѓа – вели Кленов.

За да имаат сите авантуристи каде да преспијат, Кленов го иницира кампот „Рок ленд камп“. Пространата полјана опремена со сите неопходни елементи за битисување собира околу 100 лица, а најмногу се полни за време на аутдор-фестивалот „Интернешнел рок клајмбинг фестивал“. И оттука почнува сѐ.

– Кампот е вовед во секоја авантура. Можат да избираат дали сакаат да качуваат каде и да се свртат, планинарат, лефтерно да прошетаат до пештерите, да кајакарат, да ловат риби… Има и насоки кон Кожуф за планинарење – вели Александар.
Она што му ги одржува позитивната енергија и пасијата на Кленов е фактот што клисурата остава простор за поставување нови насоки, за мапирање нови правци за качување во наредните 50 години.

– Кога ќе се направи компарација од средината на 90-тите години, како беше и како е сега овде, им огромна разлика. Тогаш имаше 15 насоки, и покрај потенцијалот тоа беше сѐ. Во раните 2000-ти почнаа да се размрдуваат работите, но не беше доволно.
Сега се воодушевив кога дојдов. Она што можам со сигурност да кажам е дека ова место полека станува качувачки рај. И алпинизам и спортско качување може да се развиваат на високо ниво, но потребни се работа, енергија, луѓе, ресурси и пари.
Но и не само Демир Капија, многу локалитети во Македонија нудат можности и со доволно труд Македонија може да се претвори во мека на качувањето – категоричен е Дарио Милошевиќ, алпинист што сведочи за почетоците на спортското качување во клисурата.

НЕОГРАНИЧЕН ПОТЕНЦИЈАЛ

Натурализираниот домаќин Кленов ни ги покажа сите страни на клисурата. И стрмната страна на клисурата, и питомата долина на Јуручка Река. На сликата на Демиркаписката Клисура во преден план се карпите, но во секој процеп природата насадила дрвја, цвеќиња, зеленило, кактуси, реки, разнишани мовчиња, шарени сенки… Се пуштивме по текот на Јуручка Река.
Полуиспарена лесно ја премостивме.

Се стациониравме под сенките на карпите на секторот Туберг и Градинка. Сенката промешана со септемвриско сонце ни приреди фин амбиент за следење на претставата качување во живо на Александар Кленов. Со динамика како што ја создава рутината, Кленов ја совлада вертикалата. Со леснотија се извишуваше. Клин, јаже, чекор по чекор, ѝ гледаше на карпата во очи. Мајсторија во луди размери.