Фото: ЕПА

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Следното, 112-то издание на престижната велосипедска трка Тур де Франс ќе има 21 етапа, почнувајќи во Лил на 5 јули и завршувајќи во Париз на 27 јули. Трката во 2025 година ќе се врати целосно во Франција, а финалето ќе биде на Елисејските полиња, на 50-годишнината од првиот финиш одржан таму.
Годинава Тур заврши надвор од Париз првпат во својата историја, поради Летните олимписки игри, пишува „Би-би-си“. Тур де Франс се возеше низ Андора во 2021 година, а во минатите три изданија почнуваше во Копенхаген (во 2022 година), Билбао (2023-та) и во Фиренца (годинава).
Словенецот Тадеј Погачар ја освои својата трета титула на оваа трка годинава, со што оствари двојна победа на грантур-трките, заедно со Џиро д` Италија. Тур де Франс за велосипедистки ќе има една етапа повеќе, вкупно девет, и ќе се вози од 26 јули до 3 август. Катажина Нивиадома од Полска победи на третото издание на Тур де Франс за жени, годинава. Трката за 2025 година е долга 3.320 км, ќе има два хронометра и шест завршници на планински врвови, а првиот дел ќе се одвива претежно на рамнините.
– Една недела во рамнините не е лесно возење како што беше порано. Ги пресековме етапите за спринтот и поставивме стапици насекаде. Мислам дека Тиери Гувену, кој ја мапираше патеката, не остави недопрено ниту едно искачување помеѓу Лил и Бретања – рече директорот на трката Кристијан Прудом. Г.И.