Богоевски на мечот со Полска на ЕП 1975 во СРЦ „Кале“ во Скопје

ВЛАДИМИР БОГОЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА МОК И ПОРАНЕШЕН ОДБОЈКАР

Македонската одбојка ги искористи тие моменти во 1975 година, а за да го повториме тоа и со организацијата на оваа група на Европското првенство во Скопје, потребно е да се примени истата формула како и тогаш. За да се искористи сегашниот момент, Одбојкарската федерација на Македонија треба да направи сопствена стратегија за развој на одбојката, да се анимираат што повеќе луѓе во овој спорт, децата да се вратат во салите и да почнат повеќе да тренираат одбојка, а потоа да се направи селекција и да се создаде добра перспективна екипа што ќе се надградува понатаму, вели Владимир Богоевски

Европското првенство (ЕП) во одбојка за мажи, на кое една група се игра во Скопје, секако буди многу сеќавања кај постарите љубители на овој спорт во Македонија, а особено кај спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК) и поранешен македонски одбојкар Владимир Богоевски. Тој беше и дел од репрезентацијата на СФРЈ што во 1975 година го освои бронзениот медал на Европското првенство, на кое една група, како и сега, се играше во Скопје (тогаш настапија репрезентациите на СФРЈ, Полска, Италија и на Унгарија).
– Заслугата што во таа далечна 1975 година една група од Европското првенство се играше во Скопје е на машката екипа на Вардар, пред сѐ поради добрите игри во тогашното југословенско првенство и полните сали со навивачи. Атмосферата што владееше за време на тоа Европско првенство беше нешто што не може да се опише со зборови. Натпреварите се играа во СРЦ „Кале“, на секој натпревар имаше речиси по 3.000 гледачи, а надвор чекаа уште толку да влезат, што се вели немаше игла каде да се фрли. Навивањето беше френетично, секој освоен поен се прославуваше мошне бучно и сите беа презадоволни оти направивме добар резултат со освоеното второ место во групата од четири селекции во Скопје, со што влеговме во втората фаза, а потоа во Белград го освоивме бронзениот медал, што претставуваше огромен успех за одбојката во поранешна Југославија – вели Богоевски, кој освои бронза и на ЕП 1979 во Франција, кога во составот на репрезентацијата беа и Александар Тасевски и Горан Србиновски, а тренер беше Таки Џиков.

Сево ова, секако, позитивно се рефлектира врз македонската одбојка.
– Кога има вакви големи екипни спортски манифестации, а кои не се добиваат често, секогаш е присутна еуфорија. Секој успех во индивидуалниот спорт е добар, но кога тој ќе се оствари во колективен спорт, тоа е нешто многу поголемо, а така го доживуваат и децата што се занимаваат со тој спорт. По завршувањето на ЕП 1975, тој ентузијазам и љубовта кон одбојката се пренесоа и во македонските домови, на улиците, но и на другите спортови воопшто. Одбојката во Македонија толку многу ја издигнавме, што таа натпреварувачка сезона 1975/1976 Вардар стана и сениорски шампион на поранешна Југославија, а таа година стигнавме и на завршниот турнир на Купот на шампоните, каде што бев избран во најдобрата шесторка на фајналфорот.

Македонската одбојка ги искористи тие моменти во 1975 година, а за да го повториме тоа и со организацијата на оваа група од ЕП, кое е во тек во Скопје, потребно е да се примени истата формула како и тогаш. За да се искористи сегашниот момент, Одбојкарската федерација на Македонија треба да направи сопствена стратегија за развој на одбојката, да се анимираат што повеќе луѓе во овој спорт, децата да се вратат во салите и да почнат повеќе да тренираат одбојка, а потоа да се направи селекција и да се создаде добра перспективна екипа што ќе се надградува понатаму. Одбојката и сега е присутна на ТВ-екраните, имаме Златна и Сребрена европска лига, Лига на нации, но, сепак, друго е кога гледаме наши одбојкари, навиваме за нив, тие да бидат идоли на идните македонски одбојкари, да се носат нивни дресови – рече Богоевски.

Македонија со помош на публиката може да се справи со која било репрезентација смета Богоевски.
– Сега е најбитно македонската репрезентација да биде меѓу првите четири во групата во Скопје, оти тоа носи пласман во втората фаза. Групата не е лоша, имаме добри шанси за влез во осминафиналето. Многу е значаен првиот меч, како ќе го одиграме (се играше синоќа против Данска – н.з.), оти тој дава импулс и ја носи екипата нагоре, не само ментално туку сега и сите други репрезентации што ќе треба да играат со Македонија можат да бидат изненадени, па ќе бидат принудени да играат во најсилен состав, а не да калкулираат со играчите, оти Македонија не е веќе која било репрезентација, напротив, може да се справи со секого на домашен терен со поддршка од публиката. Полска е прв фаворит, можеби во моментов и најсилна селекција во светот. Од моето долгогодишно искуство ќе издвојам еден посебен впечаток, а тоа е дека без добра атмосфера во репрезентацијата, не се прави добар резултат. Ги следев две недели секојдневно репрезентативците додека тренираа во „Јане Сандански“ и видов дека кај нив има добра победничка атмосфера, па се надевам дека тоа ќе придонесе да се крене нивото на игра на уште едно повисоко скалило – вели Богоевски.

[email protected]