Олимписко рестартирање за париската река Сена

Пливањето во Сена, со некои исклучоци, е забрането од 1923 година. Олимпискиот рок го забрза чистењето, кое се подготвуваше со децении. Покрај тоа што ќе биде домаќин на трки во пливање на отворено (триатлон и маратонско пливање), Сена ќе биде централниот дел на церемонијата на отворање на ЛОИ 2024, кое првпат ќе се одржи покрај река и нејзините брегови. По Игрите, Сена треба повторно да се отвори за сите во 2025 година, со повеќе места за капење

Францускиот триатлонец Тибо Ригодо, дури и пред да ги натопи прстите во матните води на познатата париска но забранета река Сена, веќе поставува прашања од пријателите што не веруваат, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). „Дали се плашиш од пливање во Сена“, вели, го прашуваат. „Изгледа одвратно“. Така беше со децении. Иако овековечена во уметноста, литературата и во песната, реката еколошки умира. Таа беше премногу отровна за повеќето риби и за капачите, главно корисна само како воден пат за стоки и луѓе. Пливањето во Сена, со некои исклучоци, е забрането од 1923 година.
Сега, сепак, нејзините зелено-кафени води кријат приказна за повторното раѓање. Скапото и сложено чистење ја реанимира Сена токму навреме за таа да игра главна улога на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз в година и, потоа, навистина да ја исполни својата „титула“ како најромантичната река во светот, онаа што всушност повторно им одговара на луѓето. А во свет што се загрева, обновената способност за ладење во реката треба да му помогне на главниот град на Франција за време на сѐ почестите топлотни бранови. Можеби исто така може да инспирира други градови да инвестираат во враќањето кон нивните водни патишта, пишува АП.
– Тоа ќе создаде бранови, така да се каже, низ целиот свет, бидејќи многу градови го гледаат Париз. Тоа е почеток на движење. Барем се надеваме дека е така – вели Дан Ангелеску, научник што го следи квалитетот на водата во Сена за градското собрание, со редовно земање мостри.
Олимпискиот рок го забрза чистењето, кое се подготвуваше со децении. Без императивот да се биде подготвен за 10.500 олимпијци во јули и август в година, проследени со 4.400 параолимпијци, претставниците на градското собрание велат дека би биле потребни уште многу години за да се финансира повеќестраниот напор од 1,4 милијарда евра. Бидејќи покрај тоа што ќе биде домаќин на трки во пливање на отворено, Сена ќе биде централниот дел на церемонијата на отворање на ЛОИ 2024, кое првпат ќе се одржи не на стадион, туку покрај реката и нејзините брегови.
Значи треба да се биде подготвен. Официјални лица тргнуваа по домовите во горниот тек и куќните чамци на Сена што ги празнеа своите отпадни води директно во реката. Олимпискиот закон усвоен во 2018 година им даде на закотвените чамци две години да се приклучат на канализациската мрежа во Париз. Се подобруваат и пречистителни станици на Сена и нејзината притока Марна. А повеќе од половина милијарда евра одат за изградба на огромни базени за складирање и други јавни работи што ќе ја намалат потребата, кога врне, од истурање на отпадните води преполни со бактерии непречистени во Сена. До една париска железничка станица се копа складиште, кое ќе може да прими еквивалент на 20 олимписки базени со валкана вода, која сега ќе се третира наместо сурова да се влева во реката низ одводите за време на бури.

Градското собрание вели дека квалитетот на водата веќе се подобрува и дека има многу повеќе видови риби од два или три вида што беа единствените доволно издржливи за да преживеат во нечистотијата пред неколку децении, пишува АП. Се вели дека примероците што се земале секојдневно минатиот јули и август во делот на реката каде што ќе се натпреваруваат олимпијците и параолимпијците покажале дека квалитетот на водата е убедливо „добар“. Според нивните спортски стандарди, тоа значи прифатливо, пишува АП. Триатлонците ќе се тркаат први на ЛОИ 2024, на 30 и 31 јули, потоа следуваат маратонските пливачи, на 8 и 9 август и паратриатлонците на 1 и 2 септември.
По Игрите, реката треба повторно да се отвори за сите во летото 2025 година. Градското собрание вели дека пет потенцијални места за капење се проучуваат во самиот Париз, а други малку подалеку. Официјалните лица се надеваат дека по толку многу години каде што пливањето во Сена беше незамисливо, парижаните ќе почнат да чувствуваат дека е безбедно да се вратат во вода кога ќе видат олимпијци и параолимпијци како предничат во тоа.
– Тоа ќе ни ги промени животите. Но исто така точно е дека, бидејќи сите мислат дека е навистина многу валкано, не сум сигурен дали луѓето ќе одат сами по себе, барем во почетокот – вели Ригодо, пренесе АП. Н.М.