В петок, со почеток во 19 часот, во општината Каламариа во Солун, свечено ќе биде отворена самостојна изложба на Сергеј Андреевски со наслов: „Неизложени дела на хартија“. На некој начин, оваа поставка е продолжение на големото ретроспективно претставување со наслов „Хартии“ што се случи минатиот мај во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.
– Голем дел од селектираните дела не можеа да бидат изложени во музејот минатата година поради лимитираниот простор. Токму тие дела ќе ѝ бидат претставени на публиката во Солун. Тоа се цртежи и слики од различни творечки фази и тематски циклуси, главно инспирирани од патувањата на авторот низ светот. Создадени се на различни видови хартија – од обична, професионална и рециклирана арш-хартија, до рачно изработена јапонска хартија – ваши – вели уметникот.
Делата ќе бидат поставени во општинската галерија „Ремецо“ во Каламариа, Солун, во периодот од 21 до 29 април, а на отворањето, за творештвото на Сергеј ќе говори Харис Савидес, меѓународно етаблиран архитект и фотограф од Атина.
Во април/мај, 2002 год., Андреевски учествуваше на изложбата со наслов „Европска современа уметност – уметноста на балканските земји“, која беше организирана од Државниот музеј на современа уметност, Солун, во соработка со соодветни институции од други балкански земји. Во јуни 2004 г., по повод и непосредно пред официјалното отворање на Олимписките игри во Атина, Андреевски беше единствениот претставник од земјава во мултикултурниот проект „Нашите соседи“. Изложбата на која учествуваа вкупно десет реномирани уметници од земјите соседи на Грција, од Грција и од Кипар, беше отворена под покровителство на Министерството за надворешни работи на Грција и Министерството за култура на Грција во културниот центар „Атинаис“. Во таа пригода, организаторите, фондацијата „Пиеридес“ и „Кинтек Α.Ε.“, промовираа уникатна публикација во ограничен тираж – мапи изработени со сито-печат, потпишани од уметниците. Организаторите за својата колекција од Андреевски ја откупија сликата „Трубачот“, од циклусот „Џезери“.
– Андреевски слика со слобода добиена преку долгогодишно уметничко искуство во откривање на неговите визии. Тој не се плаши да го направи невидливото видливо, користејќи светли бои за да го долови здивот на сопствениот музичар – пишува Такис Мавротас, куратор и директор на фондацијата „Пиеридес“ од Грција.

В.Д.