Очекувам одлични временски услови, одлична трка и атмосфера низ улиците на Скопје и затоа ги повикувам сите граѓани да излезат во што поголем број и да ги бодрат маратонците, изјави директорот на Скопскиот маратон, Кире Синадиновски, пред неделното 19-то издание, годинава под мотото „Трчањето ќе ве промени“
Вкупно 11.079 натпреварувачи од 53 земји, под мотото „Трчањето ќе ве промени“, ќе настапат на годинашното 19-то издание на атлетскиот Скопски маратон, меѓу кои ќе има и неколку маратонци од Кенија во машка и во женска конкуренција. Стартот на маратонот, полумаратонот и на другите вообичаени трки е закажан за во 8 часот, в недела.
– Годинава имаме голем број учесници, над 11.000. Сѐ уште сме далеку од онаа рекордна бројка во 2019 година кога имаше 12.500, но, сепак, и сега има огромен број пријавени натпреварувачи. Патеката е иста како и лани и е сертифицирана од Светската атлетика и од Меѓународната асоцијација на улични трки и маратони. Сите постигнати резултати и рекорди ќе бидат валидни и признаени. Годинава повторно се враќа и Државното првенство во маратон во организација на Атлетската федерација на Македонија, а тоа значи дека ќе ги гледаме и најдобрите македонски маратонци на патеката. Ќе имаме и неколку претставници од Кенија во машка и во женска конкуренција. Очекувам одлични временски услови, одлична трка и атмосфера низ улиците на Скопје и затоа ги повикувам сите граѓани да излезат во што поголем број и да ги бодрат маратонците – изјави на вчерашната средба со новинарите директорот на Скопскиот маратон, Кире Синадиновски.
И претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, имаше пофални зборови за сите оние што придонесуваат оваа светска манифестација да продолжи со својата успешна традиција.
– Скопје има привилегија да го има овој врвен спортски настан, а ние, МОК, пак, привилегија токму да бидеме негов поддржувач и дел од овој настан. Им честитам на сите од организацискиот одбор, кои вложија труд, за сето она што го прават за спортот и за државата, за оваа маратонска традиција да биде сѐ подобра и подобра. Привилегијата што ја има Скопје да биде на мапата на градови што имаат маратонски трки не е само спортска бенефиција. Многу илјади луѓе што секоја година доаѓаат тука го носат Скопје во спомен кога си заминуваат, а тоа секако заслужува серија поддршка – рече Димевски.
Македонскиот маратонец Дарио Ивановски посакува да се повтори 2021 година кога триумфира на Скопскиот маратон.
– Во одлична форма сум, а тоа го докажав и пред неколку недели кога станав балкански шампион во полумаратон. Во 2021 година победив на Скопскиот маратон, но тогаш немав многу силна конкуренција. И сега сакам да победам иако ќе настапат и неколку атлетичари од Кенија. Верувам, ако го истрчам најдоброто мое време или приближно до тоа, имам шанса да победам – изјави Ивановски.
Покрај трката на 42,195 км, предвидени се и трки во полумаратон (21 км), трка на пет километри, штафетна трка, тимбилдинг-трка… Г.И.