На површина слабостите во македонската земјоделска политика

Заострувањето на реториката од министерот за економија доаѓа по неуспехот на економските и монетарните политики преку зголемување на каматите да се влијае на намалување на инфлацијата и е израз на немоќта да се справи со „увозното и трговско лоби“ во земјата, кое се обидува да профитира од постојаниот раст на цените на основните прехранбени продукти. Затоа, сознанието дека нашите трговци го третираат „македонскиот пазар како резерва во делот на снабдувањето со овошје и зеленчук“ доаѓа задоцнето и од пошироката стручна јавност оваа изјава се толкува како „измислување топла вода“

Конфронтацијата на власта со трговците и производителите на храна околу начинот на справување со високата инфлација и намалување на цените на храната во малопродажните објекти во Македонија добива нови димензии. По одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти, од завчера и на пијалаците, од Министерството за економија се најавува нова мерка, која доколку биде реализирана, би значело и официјално објавување „трговска војна“ меѓу Владата и најголемите домашни компании, кои во последните месеци го имаа и главниот збор во формирањето на цените на храната во земјата. Министерот за економија Крешник Бектеши отворено им порача на трговците доколку продолжат со зголемен извоз на овошјето и зеленчукот, кои се за домашниот пазар, ќе биде предложено целосно укинување на увозните давачки! Неговото објаснување беше трговците со овошје и зеленчук да не го користат македонскиот пазар како резервен. Ова би требало да значи тоа што е производство од Македонија да не го извезуваат во земјите каде што има недостиг од некои производи!?
Заострувањето на реториката од министерот за економија доаѓа по неуспехот на економските и монетарните политики преку зголемување на каматите да се влијае на намалување на инфлацијата и е израз на немоќта да се справи со „увозното и трговско лоби“ во земјата, кое се обидува да профитира од постојаниот раст на цените на основните прехранбени продукти. Но најновиот развој на настаните на домашниот пазар со храна е само одраз на заблудите што се присутни во врска со сегашната состојба во македонското земјоделско производство, кое повеќе години е препуштено на суровите пазарни односи, кои со години беа диктирани од интересите на увозниците профитери, домашните трговци и преработувачите.

Затоа, сознанието дека нашите трговци го третираат „македонскиот пазар како резерва во делот на снабдувањето со овошје и зеленчук“ доаѓа задоцнето и од пошироката стручна јавност оваа изјава се толкува како „измислување топла вода“. Непосредните земјоделски производители секоја година пред почетокот на откупната сезона на одредени земјоделски и градинарски култури редовно предупредуваа на „неетички трговски практики“, што е нова економско-политичка флоскула, за која еднакво се закачија носителите на економските политики, но и трговците во земјата. Инфлациската криза и континуираниот и неконтролиран пораст на цените ги разоткрија слабостите во македонската земјоделска политика, која се потпираше на обилното распределување субвенции и друга државна помош, но која не нѐ донесе и до остварување на главната цел, а тоа е зголемување на домашното земјоделско производство и на извозот. Неорганизираниот откуп на земјоделски производи и неповолните цени, кои не ги покриваат ни минималните производни трошоци на непосредните производители, ги доведе земјоделците да се откажуваат од засејување нови површини со жито, градинарски култури и овошје.
Резултатот од ваквата политика се одразува неповолно на надворешнотрговското салдо во делот на прометот со храна и земјоделски производи. Глобалниот недостиг од земјоделски производи го поттикна извозот од Македонија, кој за првите осум месеци од оваа година покажува зголемување за 15 отсто во однос на лани. Но зголемениот извоз предизвикува и сериозно нарушување на понудата на земјоделските производи на домашниот пазар, што резултира и со постојан притисок на раст на цените. Во првите пет месеци годинава, дефицитот во увозот на храна е 200 милиони евра, а покриеноста на увозот со извозот е на ниво од 48,8 отсто. Поконкретно, во првите пет месеци годинава се извезени 190,7 милиони евра, а во истиот период сме увезле храна во вредност од 390 милиони евра. За споредба, вкупната покриеност на увозот со извозот на национално ниво, годишно се движи околу 70 отсто. Или увозот на храна во 2022 година изнесуваше 900 милиони евра, а дефицитот во трговијата со храна е 443 милиони евра.

Минатата година беше остварена најниска стапка на покриеност на увозот со извозот во последните десет години. Ова е сериозен сигнал за една земја како Македонија, која располага со добри природни услови за развој на сопствено земјоделско производство, а сѐ повеќе станува увозно зависна од храна! Структурата на трговската размена ни ја открива и најслабата страна на земјоделското производство. Најголем расчекор меѓу извозот и увозот имаме кај месото и месните преработки, каде што разликата во една година изнесува речиси 60 милиони евра. Негативно трговско салдо имаме и кај житата и преработка од житни култури, додека кај зеленчукот и овошјето имаме извоз од 83 милиони евра, но за тоа и увозот е на високо ниво од 64,3 милиони евра.
Овие економски индикатори треба да бидат предупредување за креаторите на економската политика, дека е последно време кога мора да се направат сериозни анализи и стратегии за преструктурирање на македонскиот земјоделски сектор. Новата национална стратегија за забрзан економски развој треба го постави земјоделство како базична гранка, која ќе биде пред сѐ извозно ориентирана. Во иднина не смееме да си дозволиме да бидеме препуштени на стихијноста на регионалните пазари за храна, кога инцидентни извози на два-три шлепера со земјоделски производи ќе му предизвикуваат ценовни шокови на македонскиот потрошувач.

Новите мерки во земјоделството треба да бидат насочени во развој на производи со повисока додадена вредност (и во органско производство), кои ќе бидат со поголем квалитет и со повисока извозна цена на зеленчукот и овошјето. Со обезбедување доволно производство на храна, полесно ќе се заштитите и од ценовните удари, за што сега мора да се применуваат многу непопуларни монетарни и фискални мерки. Ограничувањата на цените на храната може да бидат применети само за одреден период. Долгорочно гледано, решението е во поттикнување на домашното аграрно производство преку добро осмислена политика на субвенционирање и полесен пристап до капиталот и привлекување на странските инвестиции во македонскиот аграр. Само со современ пристап и примена на нови практики во одгледување на земјоделските култури и нивна преработка во финално производство, кое ќе го намали увозот на храна, можеме да обезбедиме и посигурна егзистенција за македонските граѓани. Во спротивно, цената од отворањето трговска војна на домашен пазар може прескапо да ги чини нашите сограѓани.