Фото: Официјална страница на РК Партизан

Навредливото однесување на навивачите на белградскиот клуб наиде на осуда

Навивачката група „Гробари“ истакна транспарент со пораката „Група со српско име слави бугарски војник, мора да ви е тешко со таа идентитетска криза во главата“, упатен кон „Комитите“ што организирано го бодреа ракометниот клуб Вардар во Белград. Ваквиот скандалозен гест особено ги погоди Македонците во Србија, како што истакна претседателот на Партијата на Македонците во Србија, Горан Илиjевски

Недоличниот транспарент што навивачите на Партизан го истакнаа на синоќешниот дуел со Вардар во Белград (28-22), во рамките на ракометната регионална лига (СЕХА), го потисна спортот во втор план и наиде на силна осуда во македонската јавност по почувствуваната навреда на националните чувства. Навивачката група „Гробари“ истакна транспарент со пораката „Група со српско име слави бугарски војник, мора да ви е тешко со таа идентитетска криза во главата“, упатен кон „Комитите“ што организирано го бодреа Вардар на гостувањето. Ваквиот скандалозен гест особено ги погоди Македонците во Србија.

– Не можам веќе да навивам за Партизан по ова што се случи. Замислете како им е на Македонците во Србија. За Партизан настапувале голем број Македонци, а и денес ги има во клубот. Како им е ним? Јас сум Македонец што цел живот навива за Партизан. Најголем дел од Македонците во Србија навива за Партизан и се срамам од ова однесување на „Гробарите“. Тоа што го направија е непримерно, незаслужено и претставува говор на омраза – вели Горан Илиjевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија.

Тој побара остра реакција за инцидентот од надлежните институции во Србија, спортското друштво Партизан, но и од целокупната тамошна јавност.

– Барам реакција од надлежните институции во Србија, како и ракометниот клуб и спортското друштво Партизан остро да го осудат и да се оградат од навредливиот транспарент на ракометниот натпревар. Потребно е Партизан да го сосече во корен ваквото однесување, за веќе да не се повтори. Бидејќи се случи на меѓународен натпревар, барам реакција и од Европската ракометна федерација – категоричен е Илијевски.

Фото: Приватна архива/Горан Илијевски

Претставникот на Македонците во Србија се надева дека станува збор за изолиран инцидент.

– Се надевам дека ова не е организирано однесување, туку оти е дело на помала група водена од ситни интереси. Се надевам дека дејствувале на сопствена рака и дека ова нема да се прошири. Но нивното однесување е подло и воопшто не е наивно. Очекувам сторителите да бидат пронајдени и да одговараат за нивното однесување – заклучува Илиjевски.

Синоќешниот инцидент не е прв од ваков вид на ракометните мечеви на Партизан со македонски клубови. Во февруари минатата година на средбата помеѓу „црно-белите“ и Еурофарм Пелистер во Белград можеа да се слушнат скандирања „Јужна Србија, никогаш Македонија“. Слични скандирања имаше и синоќа кога домашните навивачи извикуваа „Стара Србија, никогаш Македонија“. М.Ж.


„Комитите“ одговорија на провокациите

Македонските навивачи што му пружаа поддршка на Вардар во Белград возвратија на провокациите од „Гробари“. Тие истакнаа транспарент со пораката „Живо ви е кралството, колку и другарството“.

„Комитите“ пристигнале во салата „Бањица“ во Белград во 55-та минута од натпреварот, откако поминале неколку часа на граничниот премин „Табановце“, чекајќи влез во Србија, како што известија медиумите.