Новата надградена развојна стратегија ќе овозможи клубот да биде одличен полигон на кој младите талентирани шахисти ќе можат да настапат против многу поискусните шахисти и на спортски начин да се докажуваат и да напредуваат, за во иднина да станат дел од сениорскиот тим на Алкалоид
ШАХ – МУЛТИ ЕСЕНС СЕ КВАЛИФИКУВА ВО ВТОРАТА ЛИГА
Под закрила и спонзорство на компанијата „Алкалоид“ АД, годинава е формиран уште еден шаховски клуб, Мулти есенс, првенствено за да им се даде шанса на младите шахисти да продолжат да играат шах и да се усовршуваат низ натпревари во екипна сениорска конкуренција. Многу добро е познато дека ШК Алкалоид е меѓу најуспешните спортски колективи во Македонија, силно етаблиран и добропознат не само во европски рамки (како европски шампион и како вицешампион) туку, генерално, и во светски рамки. Во клубот членуваат и најдобрите македонски шахисти (велемајстори и интернационални мајстори), кои се и лиценцирани тренери од Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и кои континуирано работат со младите категории шахисти.
На квалификациите за Втората лига, екипата на Мулти есенс, под водство на велемајсторот (ВМ) Трајко Недев, како капитен, успешно настапи и во конкуренција на 18 екипи успеа да се пласира во Втората лига. По вкупно шест кола одиграни според швајцарскиот систем, Мулти есенс оствари три победи и две ремија и со само еден пораз и со освоени осум бода, се пласира на делба на третото место (според дополнителниот критериум заврши на четвртото место). Покрај првите три клуба (победникот Нов Напредок од Штип, второпласираниот Кочани и третопласираниот Прилеп), Мулти есенс ќе настапи во Втората лига, која, во согласност со календарот на натпревари, треба да се игра на почетокот на јули годинава.
Новата надградена развојна стратегија ќе овозможи клубот Мулти есенс да биде одличен полигон на кој младите талентирани шахисти ќе можат да настапат против многу поискусните шахисти и на спортски начин да се докажуваат и да напредуваат, за во иднина да станат дел од сениорскиот тим на Алкалоид – велат од трофејниот ШК Алкалоид. Г.И.
ШК Мулти есенс – состав
Теодор Јовановски (во 2023 година го подели првото место на Државното јуниорско првенство до 18 години). Матео Ефтовски (двократен јуниорски првак до 18 години во 2020 и 2021 година). Стојан Велкоски (четврти на Европското аматерско првенство 2022 за ело < 2.000). Христијан Цакончев. Кирил Николовски (државен шампион во 2023 за јуниори до 14 години). Андреј Иванов (државен шампион во 2022 година за јуниори до 12 години). Дино Табаковски (втор на Европското аматерско првенство 2022 за ело < 1.800). Стефан Мелник (многу талентиран и посветен шеснаесетгодишен јуниор, кој се натпреварува и во конкуренција на шахисти со оштетен вид, а во јуни ќе учествува на ЕП на асоцијацијата на ИБЦА, за возрасни).