ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ВО БУДИМПЕШТА

Шахистите го совладаа Того со 4-0, а со истиот резултат славеа шахистките против Танзанија

Репрезентациите на Македонија со максимални победи ја почнаа 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта (Унгарија), која се игра во 11 кола. Шахистите, рангирани на 61-то место пред почетокот на ШО (просечен рејтинг 2.421 поен), меѓу 197 селекции, го совладаа Того (1.862, рангиран 165-ти) со 4-0, а истото тоа го направија и шахистките, рангирани на 57-то место (2.025) меѓу 183 селекции, славеа со 4-0 против Танзанија (1.524, 149-та).
Од шахистите, партијата прв ја заврши интернационалниот мајстор (ИМ) Тони Лазов, последен и потешко од очекуваното, со заемен недостиг од време ИМ Никола Николовски, а најмногу потези одигра велемајсторот (ВМ) Евгени Романов (48). Кај шахистките, таблата прва ја напушти Ивана Манова, последна ЖФМ Моника Стојковска, а најмогу потези одигра Моника Жежовска (66). Противничките беа мошне борбени, а дури три играа додека не беа матирани од Манова, Жежовска и Сања Трајковска.

Во 2. коло, вчера, шахистите на Македонија играа со Романија (рангирана 18-та, 2.631), а шахистките со Холандија (17-та, 2.289). Во преостанатите дуели во првото коло и во двете конкуренции немаше изненадување, фаворитите забележаа високи победи.

Ова е 15-та шаховска олимпијада за македонските шахисти, кои забележале 14 победи во првото коло, од кои осум со максимални 4-0, а загубиле само од Азербејџан, во 2008 година. Шахистките, пак, имаат негативен ефект на стартот, на 14 шаховски олимпијади оствариле пет победи, од кои четири со максимални 4-0, а еднаш со 2-1, и загубиле осум пати и имаат едно реми.

На минатата Шаховска олимпијада, во 2022 година, во Индија, Македонците беа 70-ти со 12 бода (24,5 поени по табли), за девет места послаб пласман од почетниот, меѓу 187 селекции. Македонките, пак, беа 62. со 12 бода (22 по табли) и имаа девет места подобар пласман од почетниот, меѓу 161 селекција.
Г.И.


ШО 2024, ПРВО КОЛО

Македонија – Того 4-0
ВМ Евгени Романов (2.567) – Јакини Чука (1.932) 1-0
ИМ Тони Лазов (2.360) – Коси Егбе (1.847) 1-0
ИМ Никола Николовски (2.388) – Комлан Амевун (1.825) 1-0
ИМ Емил Ристески (2.367) – Лумен Семеко (1.740) 1-0
Танзанија – Македонија 0-4
Захабиах Ебрахим (1.494) – ЖФМ Моника Стојковска (2.043) 0-1
Шах Махи (1.602) – Ивана Манова (2.032) 0-1
Ришит Анахи (1.544) – Моника Жежовска (2.107) 0-1
Берта Самсон (1.457) – Сања Трајковска (1.920) 0-1