Од вчерашното отворање на ЕП

Се надеваме на добра игра, да го дадеме максимумот и да се пласираме над почетното рангирање, вели директорот на шаховските репрезентации при ШФМ, Ѓорѓи Миновски. На ЕП 2023 учествуваат 14 репрезентации, во првото коло противник на Македонија (седморангирана пред ЕП) ѝ беше токму првиот фаворит, Полска, европски првак од 2019-та, кога Македонија беше седма, што беше за две места подобар пласман од почетниот

ШАХ – ЕКИПНО ЕП ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА

Во италијанскиот град Џенова вчера почна третото машкото екипно Европско првенство (ЕП) во шах за слепи и за слабовидни лица, кое ќе трае до 29 април, а на кое ќе настапи и репрезентацијата на Македонија, предводена од селекторот, велемајсторот (ВМ) Трајко Недев. На ЕП учествуваат 15 селекции со вкупно 66 шахисти, од кои еден ВМ, три ИМ, еден ЖИМ, четири ФМ. Новиот првак ќе биде познат по девет кола, со швајцарски систем (на по четири табли, со временско темпо од 90 минути, плус 30 секунди по секој одигран потег), со еден слободен ден, по петтото коло.
– Атмосферата во македонската репрезентација е одлична и сите добро се чувствуваат. Пред првенството имаа неколку подготвителни кампови со селекторот Недев. Се надеваме на добра игра, да го дадеме максимумот и да се пласираме над почетното рангирање – вели директорот на шаховските репрезентации при Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Ѓорѓи Миновски.
Во Џенова играат и репрезентациите на Србија, Хрватска, Шпанија, Полска, Израел, Италија, Украина, Романија, Словенија, Франција, Германија, Бугарија и на Косово. Прворангирана пред почетокот на ЕП 2023 е Полска (просечен рејтинг 2.199), пред Србија (2.161) и Украина (2131), а Македонија е деветта (1.841). Прворангиран играч, пак, е полскиот ВМ Марчин Тазбир (2.503).

На ова трето по ред европско првенство учествуваат 14 репрезентации. Во првото коло играно вчера попладне, противник на Македонија ѝ беше токму првиот фаворит на ЕП, селекцијата на Полска, која го брани златото од претходното ЕП во Камчулата (Романија) во 2019 година. Таму Македонија го освои седмото место со девет екипни бода (по три победи, ремија и порази) или 17 по табли, што беше за две места подобар пласман од почетниот.
– Екипните европски првенства за слепи и за слабовидни лица се релативно нов тип натпреварувања во календарот на Светската шаховска асоцијација за слепи и слабовидни лица (ИБЦА). Ова е трето вакво екипно ЕП. Првото е одржано во 2016 година во Полска, на кое Македонија не настапи. Второто првенство е одржано во 2019 во Романија, а меѓу 15 селекции Македонија го освои солидното седмо место. Во 2021 година поради ковид-19, ЕП не се одржа, па така, ова во Џенова е трето – вели Миновски.
Миновски како претставник на ШФМ, во Џенова има и уште една функција.
– Тука сум избран и како член во Комисијата за жалби, што секако е голема чест за мене како поединец, но и за целата екипа што неуморно работи овие две изминати години на промоција на македонскиот шах. Ова е уште една потврда дека Шаховската федерација на Македонија добро работи и дека нашиот труд и квалитети се препознаваат од сите меѓународни шаховски организации – рече Миновски.
Боите на Македонија во Џенова ги бранат Жарко Селковски (1.920 рејтинг-поени), Зоран Костадиновски (1.907), Санде Атанасов (1.778), Блаже Атанасовски (1.760) и Филип Арсов (1.624). Г.И.