Нѐ очекуваат два пријателски натпреварa против Полска, која ја победи Словенија лани на ЕП, што значи дека ова ќе биде вистински испит пред тоа што нѐ очекува, вели искусниот репрезентативец Андреј Магдевски

КОШАРКА – ДЕНЕСКА И УТРЕ ВО БЕЛГРАД

Македонската машка кошаркарска репрезентација предводена од селекторот Александар Јончевски, денеска и утре во Белград, Србија, ќе одигра контролен двомеч со соодветната селекција на Полска, a во рамките на подготовките за претквалификацискиот турнир за Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2024 година, кој ќе се одржи во Талин, Естонија. Поради болки во грбот, Љубомир Младеновски не отпатува во Белград, што секако претставува хендикеп за црвено-жолтите. Во согласност со договореното, натпреварите помеѓу репрезентациите на Македонија и на Полска ќе се играат во спортскиот центар „Ранко Жеравица“, првиот меч денеска од 18 часот, а вториот утре од 12 часот.
Полјаците, кои беа четвртопласирани на последното Европско првенство (ЕП), досега одиграа три пријателски средби, а забележаа една победа и два пораза. Со Холандија двапати се сретнаа, минимално победија со 101-100 и загубија со 90-94, додека вториот пораз со 66-81 беше доживеан од Србија.
– Нѐ очекуваат два пријателски натпревара против Полска, која ја победи Словенија лани на ЕП, што значи дека ова ќе биде вистински испит пред тоа што нѐ очекува. Одиме во изменет состав, спој на искусни и млади играчи и ќе видиме до каде сме со нашата моментна форма. Најбитно е да се покажеме во добро светло, без разлика на резултатот, и да се вратиме дома сите здрави – вели искусниот репрезентативец Андреј Магдевски.
Црвено-жолтите изминатава недела, со доаѓањето на бековскиот тандем Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс, се комплетни, па селекторот Јончевски за првпат имаше можност да ги види заедно на паркетот. Добрите игри на младиот крилен центар на МЗТ Скопје, Андреј Андоноски, во финишот на сезоната, пак, беше и причината да биде повикан во македонската репрезентација од селекторот Јончевски за контролните дуели против Полска.

– Добиваме шанса за да се покажеме и во сениорскиот тим. Во овој состав има како искусни така и млади играчи и сите сме желни да се покажеме. А доколку добиеме шанса, можеме да направиме успех – вели Андоноски.
Во овој августовски подготвителен период од младите играчи од генерацијата 2002 тука е и Марко Миловановиќ, како и помладите Петар Бошалески и Теодор Симиќ.
– Повеќето од нас добро се знаеме. Имаме играно и во некои претходни циклуси од претквалификациите, а овој период е доволен за да се соединиме. Имаме и некој нов план што треба да ни донесе успех – оптимист е Андоноски.
На турнирот во Талин, Македонија прво треба да игра со селекцијата на Израел, на 12 август, следниот ден е дуелот со Естонија, а на 15 август со Чешка. Двете првопласирани репрезентации ќе продолжат во Полска на фајналфор-турнир, од каде што победникот ќе настапи в година во квалификациите за ЛОИ 2024. Другите два учесника на фајналфорот, пак, ќе се добијат од турнирот во Гливице (Полска), на кој ќе настапат репрезентациите на Полска, Португалија, Унгарија и на БиХ. Г.И.