Фото: Игор Бансколиев

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА

Возбудлив натпревар, но без еуфорија, оти нѐ чека клучен натпревар против Црна Гора. Имаме своја зацртана цел и мора да ја реализираме, а ќе успееме во тоа само со смиреност и со трпение. И покрај големото искуство треперев, бидејќи имаме мисија да се пласираме во вториот круг, вели селекторот Јошко Миленкоски по победата на Македонија во првото коло на ЕП 2023 над Данска со 3-1, во Скопје. Следен противник на македонските одбојкари е Црна Гора, утре (20 часот)

Македонската машка одбојкарска репрезентација ги впиша првите бодови во воведното коло на 33. Европско првенство (ЕП), група Ц, чии мечеви се играат во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, совладувајќи ја во возбудлив натпревар Данска со 3-1 во сетови (22-25, 25-22, 25-19, 25-22). Ова е многу значајна победа во настојувањето црвено-жолтите на својот трет континентален собир првпат да се пласираат во осминафиналето, кое ќе се игра во Бари (Италија).
– Возбудлив натпревар, но без еуфорија, оти нѐ чека клучен натпревар против Црна Гора. Имаме своја зацртана цел и мора да ја реализираме, а ќе успееме во тоа само со смиреност и со трпение. И покрај големото искуство треперев, бидејќи имаме мисија да се пласираме во вториот круг. Свесни сме дека добивме тежок натпревар пред кој имавме притисок, затоа што сакавме победа, а тие натпревари се секогаш најтешки за играње. Секој поен беше возбудлив, под притисок, но тоа не е ништо чудно затоа што беше дуел со големи емоции. На крајот извонредна и докрај заслужена победа.

Правевме и невообичаени грешки, губевме лесни поени, но потполно ги разбирам играчите, оти ова беше натпревар со големи емоции. Можеме да ја добиеме Црна Гора во следното коло. Тоа е селекција што е за нијанса послаба од Данска, оти е подмладена, но полетна и сака да се претстави најдобро. Затоа не смее да завладее еуфорија кај нас. Мора да се спуштиме на земја и чекор по чекор со ладни глави да одиме во следните предизвици – вели селекторот Јошко Миленкоски.
Следен противник на македонските одбојкари на ЕП 2023 е Црна Гора, утре (20 часот).
– Горд сум на моите соиграчи. Одигравме тежок меч за заслужена голема победа на Македонија. Натпреварот го добивме со трпение, а така мора да играме и на секој натпревар. Мило ми е што им подаривме победа на сите навивачи што дојдоа да нѐ бодрат и се надевам дека на следниот натпревар салата ќе биде исполнета до последното место. Ова е победа за нив и повик за силна поддршка и понатаму. Сега мора добро да се одмориме затоа што имавме тежок меч, ментално и физички, а потоа секако против Црна Гора да дојдеме до нова победа. Лично немам многу информации за Црна Гора, но добро ќе ја анализираме следните денови и верувам дека на крајот ќе ја совладаме – вели капитенот Никола Ѓоргиев.

Никола Ѓоргиев со 17 поени беше најефикасен во македонските редови, а одлични беа и Александар Љафтов со 15 поени и Филип Маџунков со девет. Кај Данците, Матс Јенсен освои 19 поени.
– Натпреварот го решија душата, срцето, мотивацијата, салата, химната од која ми се насолзија очите. Решителноста ја краси оваа репрезентација отсекогаш, па статистиката е во втор план, неа ќе ја гледаме потоа. Анализиравме, гледавме видеоматеријали од Данците, толку материјал не сум гледал во мојата кариера, ги проучивме. И против Црна Гора ќе одиме на ист начин. Можеме подобро, оти имавме и грешки во повеќе сегменти. Сега е потребно емоциите да слегнат, оти в сабота нѐ очекува уште еден тежок дуел – рече Љафтов.

Македонија повеќепати играла со Данска, претходно во 2021 година, кога од 23 мај до 6 јуни одигра три меча, притоа остварувајќи една победа и два пораза. На дуелот завчера во Скопје, Македонија имаше три освоени поени од сервис, 42 од игра, 11 од блок и 41 поен на противнички грешки. Данска, пак, освои девет поени од сервис, 56 од игра, четири од блок и 18 од противнички грешки.

ЕП 2023 се игра и во Италија, Бугарија и во Израел. Првите четири репрезентации од секоја од четирите групи ќе играат во осминафиналето. По мечот со Црна Гора, Македонија ќе се сретне и со водечката селекција на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), Полска (в недела), потоа со Холандија (во вторник), и со Чешка (в среда). Сите натпревари Македонија ќе ги игра од 20 часот, освен дуелот со Холандија (17 ч.).

Селекциите од групата Ц во осминафиналето ќе играат со селекции од групата А, во која се Белгија, Италија, Германија, Естонија, Швајцарија и Србија.
Титулата од ЕП 2021 ја брани Италија, тогаш втора беше Словенија, а трета Полска.


Првпат победа во првото коло на ЕП

За репрезентацијата на Македонија ова е трет настап на европските првенства (ЕП) во одбојка, но и прв со победа во првото коло. На првиот настап во 2019 година (тоа ЕП се играше во Франција, Словенија, Белгија и во Холандија), црвено-жолтите во првото коло загубија од Финска со 1-3 (23-25, 22-25, 25-23, 21-25). Меѓу 24 селекции Македонија го освои 17-то место со шест бода (победи на дуелите со Белорусија и со Словенија со по 3-1, порази и од Турција и од Русија, со по 0-3). И на следното Европско првенство, во 2021 година (домаќини на шампионатот беа Полска, Чешка, Естонија и Финска), Македонија повторно почна со пораз и повторно од Финска со 1-3 (20-25, 15-25, 26-24, 22-25), освојувајќи го потоа 23-то место. Од селекциите со кои Македонија играла на овие две континентални првенства, во групата во Скопје е само Холандија, од која на ЕП 2021 црвено-жолтите загубија со 0-3 (20-25, 18-25, 22-29). Г.И.