Фото: Игор Бансколиев

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА

На првото учество на европските првенства, Македонија во 2019 година го освои 17-то место, а две години подоцна беше 23-та. Сега Македонија е меѓу 16-те најдобри во Европа. Црвено-жолтите вчера играа со Холандија, а денеска ќе се игра решавачкиот меч со Чешка за повисок пласман во групата Ц. Во осминафиналето Македонија ќе игра со селекција од групата А, во која пласман понатаму обезбедија Италија, Србија и Германија, а четвртиот патник меѓу 16-те најдобри ќе биде Естонија, Белгија или Швајцарија

Македонската репрезентација се пласира во осминафиналето на 33. Европско првенство (ЕП) во одбојка што се игра во Италија, Бугарија, Македонија и во Израел, што е најголем успех на македонската репрезентативна одбојка.

На првото учество на европските првенства, Македонија во 2019 година го освои 17-то место, а две години подоцна на континенталниот шампионат беше 23-та. Сега Македонија е меѓу 16-те најдобри одбојкарски репрезентации во Европа.

Во групата Ц, која се игра во Скопје, многу работи беа познати по победата на Чешка над Црна Гора со 3-0 (25-18, 25-20, 25-15), во четвртото коло. Оваа победа и дефинитивно ја однесе Македонија во осминафиналето во Бари, во вторник.

До мечевите вчера во групата водеше Полска со три победи, пред Холандија, Македонија и Чешка со по две, Црна Гора имаше една, а Данска е последна без победа и без освоен бод.

Македонија вчера играше со Холандија, која беше подобра од црвено-жолтите на ЕП 2021 во Финска, а денеска и со Чешка (од 20 ч.), во чии редови предничат Лукаш Васина, Јан Галабов и Марек Сотола.

Со евентуални уште две победи, Македонија може да биде и второпласирана, со што би ја избегнала Италија во осминафиналето, актуелниот европски првак, а можни ривали би биле Германија, Србија…, во зависност од пласманот на репрезентациите во групата А.

Пред одигрувањето на вчерашните натпревари, Италија, Србија и Германија од групата А обезбедија понатамошен пласман, а четвртиот најверојатно ќе го решава мечот Белгија – Естонија. Од групата Б во осминафиналето ќе играат Словенија, Хрватска и Бугарија, а четвртиот учесник можеби ќе го даде дуелот Шпанија – Украина. Во групата Д, Франција, Португалија и Романија се осминафиналисти, а четвртата репрезентација можеби ќе биде позната по дуелот Турција – Израел.
Селекциите на Италија (група А), Словенија (група Б) и на Полска (група Ц) имаа максимален број победи и бодови во однос на одиграните натпревари во досегашниот тек на ЕП 2023. До вчера ниту една победа не остварија Белгија, Швајцарија и Данска.
Г.И.