Македонските надежи освоија вкупно 12 медали, од кои седум златни, два сребрени и три бронзени

КАРАТЕ – БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ И ЗА ЈУНИОРИ

На Балканското првенство (БП) за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година), кое се одржа викендов во Бар (Црна Гора), македонската младинска репрезентација постигна значаен успех, освојувајќи вкупно 12 медали, од кои седум златни, два сребрени и три бронзени, во конкуренција на 944 натпреварувачи од 10 држави.
Со најсјајниот медал се закитија кадетката Драгана Евтимовска (категорија до 54 кг), јуниорката Сара Дука (до 48 кг), јуниорите Љупче Михајлов (до 68 кг) и Андреј Ангеловски (до 76 кг), машкиот јуниорски тим во борби, и во постари јуниорки (до 21 год.) Марија Петровска (до 55 кг), како и женскиот ката-тим.
Сребрени медали во јуниорска конкуренција освоија Бесарт Мемети (до 55 кг) и Андреј Басаров (над 76 кг), а бронзени медали им припаднаа на кадетката Катја Апостоловска (до 47 кг), женскиот јуниорски тим во борби, а кај постарите јуниори (до 21 год.) Бојан Костов (до 60 кг). Г.И.