Живеевме за овој ден, дадовме жртва и над максимумот, а мотивот Македонија ни беше сѐ, се разбира ќе остане уште посилен, вели Костовски, тренер на Георгиевски. „Нормата, за жал, не ја освоивме, но одиме понатаму. Ветуваме медал на ЕП во мај“, ни изјави Ефтимов, тренер на Рељиќ

ПО ОЛИМПИСКИТЕ КВАЛИФИКАЦИИ

Македонските таеквондисти, Дејан Георгиевски (24), член на ТК Бутел, и Милијана Рељиќ (20), членка на клубот Тигри, не успеаја да изборат норми за пласман на ЛОИ 2024 во Париз.
На квалификацискиот турнир во Софија (Бугарија) Георгиевски во категоријата над 80 кг загуби од Плонес од Белорусија со 1-2 во рунди. На ЛОИ 2024 се пласираа финалистите во секоја категорија.
– Нормата за Oлимписките игри во Париз ни замина од пред очи. Загубивме со 1-2 во рунди од белорускиот репрезентативец Плонес. Историјата од Токио, олимпискиот сребрен медал останува најголемиот државен спортски успех во независна Македонија. Единствената реална опција да се повтори или засили тој успех беше повторно Дејан Георгиевски. За жал, не успеавме овој пат. Живеевме за овој ден, дадовме жртва и над максимумот, а мотивот Македонија ни беше сѐ, се разбира ќе остане уште посилен. Овој олимписки циклус покрај голем број повреди, во државата и сите институции што требаше да помагаат имавме суров противник, но за тоа во следна пригода. Одиме понатаму, оваа златна таеквондо-приказна ќе трае уште многу време. Дејан не го кажал последниот збор, а новите генерации најавуваат нова историја – изјави на социјалните мрежи Дарко Костовски, тренер во ТК Бутел.
Рељиќ (категорија до 67 кг) загуби од Ами Минк од Холандија со 0-2 во рунди.
– Ами Минк беше поуспешна од Рељиќ, иако во втората рунда нѐ оштетија судиите. На 0-1 направивме водство со 5-1, но поради наводно влечење, што реално не постоеше, поените не ѝ беа признаени. Пoтоа Милијана изработи удар во глава за три поени, но системот не го отчука, а јас немав право повеќе на жалба. Но тоа е спортот. Сепак, задоволен сум од формата и можноста за настап на ЛОИ на Милијана. А, нормата, за жал, не ја освоивме, но одиме понатаму. Ветуваме медал на Европското првенство во мај во Белград – ни изјави нејзиниот тренер Александар Ефтимов. Г.И.


ТАЕКВОНДО – „ТОП ТИРАНА ОПЕН E2“
Македонските надежи освоија три медали

Тројца македонски надежни репрезентативци во таеквондо освоија две сребра и една бронза на турнирот од Е2-ранг „Топ Тирана опен“, кој се одржа во Тирана (Албанија). Сребрени медали освоија јуниорот Христијан Симоновски (ТК Младост), кој забележа три победи против двајца претставници од Грција и еден од Италија, и кадетката Ведрана Тунески (ТК Бутел), откако беше поуспешна од ривалките од Грција, Србија, Албанија и од Италија. Трето место и бронзен медал освои Теодор Стојановски (ТК Бутел), во кадетска конкуренција, совладувајќи двајца натпреварувачи од Грција.
– Македонското таеквондо останува најсилниот олимписки спорт во остварувањето врвни релевантни спортски резултати од силни натпреварувања. Генерации што ветуваат нова македонска спортска историја – велат од Македонската таеквондо-федерација.