Семинарот беше предводен од првите луѓе и стручњаци од Европската џудо-федерација, од натпреварувачката, судиската и комисијата за едукација

ЏУДО – ПО МЕЃУНАРОДНИОТ СЕМИНАР ЗА ТРЕНЕРИ И СУДИИ

Во организација на Европската џудо-федерација и со техничка организација на Џудо-федерација на Португалија, во Лисабон се одржа меѓународниот Семинар за тренери и за судии. На овој семинар учествуваа околу 100 стручни лица, тренери и судии од сите европски држави. Македонија преку Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) ја претставуваа Дејан Мицкоски, лиценциран џудо-тренер од А-категорија, член на стручниот совет и на Дан-комисијата при ЏФМ, како и Томе Јосифоски, интернационален џудо-судија од Б-категорија и актуелен претседател на Судиската комисија при ЏФМ.
– Овој семинар беше предводен од првите луѓе и стручњаци од Европската џудо-федерација, од натпреварувачката, судиската и комисијата за едукација. Тој беше интерактивен, со заемна комуникација меѓу предавачите и присутните стручни лица, со цел имплементација и детална обработка на изменетите судиски правила, кои ќе важат за олимпискиот циклус 2022-2024.

По завршувањето на семинарот се одржа и координативен состанок помеѓу челниците на Европската џудо-федерација и претставниците на националните федерации низ Европа, по што истите тие покрај другото беа овластени да извршат едукација и обука на стручните лица, судии и тренери, за усогласување на целиот европски и интернационален систем на функционирање во џудо-спортот – информираат од ЏФМ.
Џудото е динамичен спорт, постојано изложен на нови тренинзи и натпреварувачки ситуации. Новиот олимписки циклус треба да почне со олимписките квалификации за ЛОИ 2024, а Интернационалната џудо-федерација (ИЏФ) ги приспособува судиските правила за да ги одрази развојните потреби на овој спорт, пишува ИЏФ на својата интернет-страница.
– Принципот на правилата е да се заштитат спортистите и спортот во целина, а истовремено да се промовира џудото да биде подинамично, поатрактивно за јавноста и медиумите – рече, меѓу другото, Владимир Барта, главен спортски директор на ИЏФ, пренесе ИЏФ.