Семејството Ингебритсен од Норвешка е своевиден феномен. Покрај Јакоб, олимпискиот и европски првак на 1.500 метри, него го сочинуваат браќата Хенрик и Филип, поранешни европски прваци на 1.500 метри, чиј тренер е нивниот татко Гјерт. Во тоа семејство се уште тројца браќа и една сестра што се занимаваат со атлетика, Мартин, Кристофер, Вилијам и Ингрид. И нивната мајка Тоне Ева Тоинесен трча рекреативно

Неодамна на митингот на Лиевин, Франција, Норвежанецот Јакоб Ингебритсен (21) го собори светскиот атлетски рекорд на 1.500 метри во сала. Тој освои голем број континентални титули уште како тинејџер, го освои и олимпиското злато лани во Токио, со европски рекорд. Но семејството Ингебритсен е своевиден атлетски феномен. Покрај Јакоб, него го сочинуваат браќата Хенрик (31) и Филип (29), исто така, поранешни европски прваци на 1.500 метри, чиј тренер е нивниот татко Гјерт, „атлетскиот диктатор“. Во тоа семејство се уште тројца браќа и една сестра што се занимаваат со атлетика, Мартин, Кристофер, Вилијам и Ингрид. И нивната мајка Тоне Ева Тоинесен трча рекреативно. За „кланот“ Ингебритсен се снимени пет сезони „реални шоуа“, под насловот „Тимот Ингебритсен“, во кои може да се види како тие живеат „спартански“. Таткото Гјерт води сметка за сѐ.
– Во спортот, диктатурата е најдобар избор. Немате многу години за да бидете најдобри и во тој период нема место за демократски одлуки – вели Гјерт.
Да се биде најдобар на средни и на долги патеки во атлетиката е потребна голема посветеност. Во случајот со Ингебритсен, тоа значи и неколку чекори понапред. Додека европските тренери ги дозираат тренинзите за децата, Гјерт не ги штедел своите синови од најрана возраст. Постарите браќа во раната возраст се занимавале со повеќе спортови, од фудбал до скијање, а на атлетиката целосно ѝ се посветиле откако наполните 17 години. Јакоб станал специјалист во раните тинејџерски години, што ги разгоре дебатите за специјализацијата на рана возраст
– Не сте родени со талент. Кога имав четири, пет или шест години, зборуваа дека сум поталентиран од другите деца, но јас трчав 10 пати повеќе од нив. Во нашето семејство секогаш стануваше збор за натпреварување. Нашата страст не е натпреварувањето туку победувањето. Сите сме такви – вели Јакоб.
Јакоб Ингебритсен е меѓу најголемите атлетски ѕвезди во светот. Филип и Хенрик, иста така, се врвни атлетичари, но повредите ги спречија да постигнат уште подобри резултати.

– Во зима трчам околу 180 км неделно. Од петтата година не сум пропуштил ниту еден тренинг. Кога имав десетина години, веќе трчав од 120 до 140 км неделно. Од 13-та година трчам најмалку 140 км и оттогаш се сметам за професионален атлетичар – вели Јакоб.
На ЛОИ во Токио, Јакоб освои злато, со олимписки и со европски рекорд.
– Никогаш не сонував за златен медал. Тоа ми беше цел. Тоа е голема разлика. Јас не сонувам, туку си поставувам цели и напорно работам да ги остварам. Нема да бидам 100 отсто задоволен додека не станам најбрз на сите времиња. Мислам дека можам да трчам побрзо, но времето ќе покаже дали навистина сум способен за тоа – вели Јакоб.
Авторот на студијата за семејството Ингебритсен, Леиф И. Тјалта од Универзитетот во Ставангер, наведува неколку причини за успехот на браќата.
– Тие имале огромна среќа со мешавината на гените. Се чини дека се родени со талент за трчање на делници што бараат издржливост. Пораснати се во семејство што уште од мали нозе ги стимулирало да бидат многу активни во спортот. Многу тренирале уште од мали нозе и од година на година постепено го зголемувале обемот на тренинзи. Нивниот татко и тренер строго ги контролирал сите интервални тренинзи, со мерки за отчукувањата на срцето и за концентрацијата на лактат во крвта. За време на адолесценцијата, примарен фокус била аеробната ситуација, а обемот на анаеробен тренинг бил ограничен. Тие се ментално силни, сакаат да се натпреваруваат и имаат многу голема самодоверба. Тие се браќа, натпреварувачи и партнери за тренинзи, кои учат еден од друг и се инспирираат еден со друг – вели тој.