Веќе почнуваат да се остваруваат поопипливи резултати од овие млади биатлонци. Тројца од нив се мошне сериозни кандидати, од кои во блиска иднина очекувам и поголеми постигнувања. Тука би ги издвоил Благоја Најденоски (18), Тео Петрушу (17) и Петар Гиноски (16), вели Динески
ИНТЕРВЈУ: ЃОКО ДИНЕСКИ, СПОРТСКИ ДИРЕКТОР НА БИАТЛОН-ФЕДЕРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА, ТРЕНЕР И СЕЛЕКТОР
Истакнатиот поранешен натпреварувач на Македонија во нордиско скијање, тренер и селектор, а од ноември 2021 и спортски директор на Биатлон-федерацијата на Македонија (БФМ), но и долгогодишен тренер и селектор на македонските биатлонци, Ѓоко Динески, како натпреварувач настапувал само во нордиско скијање, каде што бил повеќекратен шампион на Македонија. Учесник е на две Зимски олимписки игри (ЗОИ) како натпреварувач и уште на четири како тренер. Како натпреварувач настапил на ЗОИ 1998 во Нагано и во 2002 година во Солт Лејк Сити, а како тренер во Торино во 2006-та, Ванкувер во 2010-та, Сочи во 2014-та и во Пјонгчанг во 2018 година. Дваесет години е спортски директор на традиционалниот „Мавровски меморијал“. Сега ги врши функциите технички делегат на Интернационалната биатлон-унија (ИБУ) со седиште во Салцбург и технички делегат на ФИС за нордиско скијање. Од 2022 година е координатор за Балканскиот регионален куп, а од март 2023 успешно ја заврши тренерската Академија на ИБУ и се стекна со сертификат од прво ниво во светски рамки.
Македонските биатлонци годинава ги очекуваат многу квалитетни натпреварувања, како со повозрасните и поискусните така и со младите и надежни натпреварувачи во овој спорт. Неодамна настапивте на Купот за јуниори во Банско (Бугарија). Колку сте задоволни од остварените резултати на македонските биатлонци?
– Нашата биатлон-база е во Крушево, но за нашиот спорт се користат и скијачките терените во Маврово, Пониква, Пелистер, Ниже Поле. На Попова Шапка е многу потешко оти просторот е отворен и обично има силен ветер, кој за кратко време може да нанесе нов снег на изготвената патека и со тоа да го отежне нејзиното користење. Во Банско настапивме со четворица биатлонци. Позначајни резултати постигнаа Благоја Најденоски на натпреварот спринт за јуниори на 10 км со две пукања, каде што го освои петтото место и на натпреварувањето мас-старт за јуниори на 12,5 км со четири пукања, каде што Тео Петрушу беше четврти. Конкуренцијата кај јуниорите беше многу силна, а учествуваа натпреварувачи од Македонија, Бугарија, Хрватска, БиХ и од Грција, така што овие резултати за мене се мошне солидни.
Ве очекува Купот за јуниори во Јакусице (Полска) од денеска до 20 јануари. Дали повторно македонските биатлонци ќе настапат во ист состав?
– Да, таму ќе се натпреваруваат повторно Петрушу, Петар Гиноски и Благоја Најденоски, а тренер ќе биде Велко Лозаноски. Јас нема да заминам таму, оти ќе бидам меѓународен судија на Куп-натпреварувањето во Осрбље, Словачка, во организација на ИБУ, што се совпаѓа со истиот термин за настап на македонските биатлонци.
Кои се вашите очекувања од македонските биатлонци во 2025 година на натпреварувачки план, ако се знае дека трениравте цело минато лето?
– Со оваа екипа работам веќе трета година и од сезонава почнаа да се остваруваат први забележителни резултати. По тестирањето во Љубљана, Словенија, се потврди дека имаме спортски потенцијал кај неколку натпреварувачи. Тоа ќе настојувам да го ставам во функција на подобрување на формата и, секако, на резултатите. Станува збор за млади спортисти, јуниори, од кои очекувам добро да напредуваат во иднина.
На кои натпреварувања, кога и во кои сѐ дисциплини ќе настапат годинава македонските биатлонци?
– Најчесто тоа ќе биде дисциплината спринт на 10 км, со две пукања. Но ќе се натпреваруваме и индивидуално на 15 км, како и на кратки индивидуални патеки од 12,5 км за јуниори со четири пукања. Освен во Банско и сега во Јакусице, нѐ очекува настап во Алтенберг (Германија), на Куп за јуниори и ЕП за јуниори од 20 до 25 јануари. Во меѓувреме сакаме да организираме и два настана во Крушево. Едниот кон крајот на јануари, а вториот во почетокот на февруари. Потоа во февруари ни останува уште учеството на Регионалниот куп на Пале (БиХ). Со Петар Гиноски треба преку Македонскиот олимписки комитет (МОК) да одиме на Европските младински олимписки денови во грузискиот град Бакуријани од 9 до 16 февруари. Следуваат СП за јуниори при крајот на февруари и во почетокот на март во Остерсунд, Шведска, во март да организираме Првенство на Македонија, а при крајот на март нѐ очекува уште еден Регионален балкански куп, во Романија. Многу сме ангажирани, работевме и цело ланско лето, а сега продолжуваме со конкретна програма. И во 2024 година во декември одработивме една тура подготовки. Македонската репрезентација сега е млада, составена претежно од јуниори и од деца. Учествувавме на два настана, првиот во Риднаун, Италија, од 10 до 16 декември, а вториот во Гомс, Швајцарија, од 16 до 20 декември. Веќе почнуваат да излегуваат поопипливи резултати од овие млади биатлонци. Тројца од нив се мошне сериозни кандидати од кои во блиска иднина очекувам и посериозни постигнувања. Тоа се Најденоски (18 години), Петрушу (17) и Петар Гиноски (16). Нив тројца во средината на ноември лани ги однесов на тестирање на Факултетот за спорт во Љубљана и од функционален аспект покажаа високи резултати, што значи дека станува збор за талентирани спортисти и од нив може да се очекуваат посериозни резултати.
Освен овие тројца биатлонци, на трките ќе има ли други помлади натпреварувачи?
– Да, ќе има. Воведовме и детски натпревари, до 12 и до 14 години, кои ќе настапат на Балканскиот куп.
Пред извесно време се отвори новиот ски-центар во Македонија „Михајлово“, на планината Кожув. Што значи тоа за македонските биатлонци?
– Секако, тоа е многу корисно и за нордијците и за нас биатлонците. Ако имаме поддршка од општината уште подобро, оти би можела да се направи и биатлон-патека, што секако одлично би ни дошло во рамките на идни подготовки на репрезентацијата, но и да организираме некое домашно или меѓународно натпреварување или детско натпреварување, каде што се пука од 10 метри со ласерски пушки, а не со малокалибарски, кои ги користат возрасните натпреварувачи.