Никогаш нема да заборавам како Ѓоковиќ спаси две меч-топки и победи во финалето на Вимблдон во 2019 година против Федерер, вели Гукеш
ШАХ
Седумнаесетгодишниот индиски шаховски велемајстор (ВМ) Домарају Гукеш неодамна се најде на насловните страници соборувајќи го рекордот што дотогаш го држеше најсилниот шахист на светот и поранешен петкратен светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, станувајќи најмладиот играч што достигнал рејтинг од 2.750 поени.
Во едно неодамнешно интервју младиот талент откри дека тој наоѓа инспирација во српската тениска легенда Новак Ѓоковиќ, која е особено потребна во клучниот аспект за брилијантност во шахот.
Шахот и тенисот имаат некои сличности, а особено барањето за постојана ментална острина за време на играта. Затоа не е изненадување што Ѓоковиќ со својата неверојатна ментална сила служи како одличен пример за младата индиска шаховска ѕвезда во подем.
Како што е познато, еден од највозбудливите моменти на Ѓоковиќ се случи за време на финалето на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон во 2019 година, каде се соочи со две меч-топки за противникот, извонредниот Швајцарец Роџер Федерер. Покажувајќи извонредна ментална цврстина, Ѓоковиќ ги задржа нервите и на крајот излезе како победник. Овој исконски момент остави трајно влијание врз велемајсторот Гукеш.
– Никогаш нема да заборавам како Ѓоковиќ спаси две меч-топки за да победи во финалето на Вимблдон во 2019 година против Федерер – вели Гукеш.
Додека Индиецот го продолжува својот пат да стане еден од најдобрите шахисти во светот, тој и понатаму се обидува да црпи инспирација од неверојатната ментална издржливост на Ѓоковиќ на тениските терени во светот.
Гукеш и на Светското првенство (ФИДЕ), кое е во тек во Баку, Азербејџан, игра добро и се пласираше меѓу најдобрите 16, успевајќи во четвртата рунда да го елиминира Русинот Андреј Есипенко со 2,5-1,5 поени.
Партиите од петтото коло се играа во саботата и неделата, а евентуалниот тајбрејк со забрзано темпо на игра (ако резултатот по двете партии биде нерешен 1-1) е на програмата денеска. Г.И.