Фото: ЕПА

Светскиот првак годинава постави рекорди за најмногу победи во една сезона (19), последователни победи на трки (10), пласмани на подиумот (21), вкупно поени (575) и најголема разлика од второпласираниот во шампионатот (290), а од неделата, кога на трката за големата награда на Абу Даби го забележа и 11-от хет-трик, е и првиот возач што надминал 1.000 круга во водство во една сезона

ФОРМУЛА 1

Макс Ферстапен самоуверено ја претвори пол-позицијата во победа за време на трката за големата награда на Абу Даби во Формула 1 (Ф1) во неделата, со што ја заокружи сезоната со 19 победи на 22 трки, пишува Формула 1. Серхио Перез беше на втората позиција, но казната од пет секунди за судирот со Ландо Норис го симна на четвртото место кога резултатите беа потврдени, оставајќи го Шарл Леклер втор, а Џорџ Расел трет, пишува Ф1.
Светскиот шампион Ферстапен доминираше во сезоната со рекорди, а и ја заокружи соодветно, со уште повеќе рекорди. Така, за него победата во Абу Даби е четврта по ред, а тој никогаш претходно не победил на четири последователни трки на иста патека. Со 54-та победа во кариерата значи дека тој го надмина Себастијан Фетел на третото место на вечната листа за победи, и сега е само зад Михаел Шумахер со 91 и зад Луис Хамилтон со 103.
Ферстапен годинава постави рекорди за најмногу победи во една сезона (19), најмногу последователни победи на трки (10), најмногу пласмани на подиумот (21), најмногу вкупно поени (575) и најголема разлика од второпласираниот во шампионатот (290).
Неделната победа беше 11-та за Ферстапен со т.н. хет-трик, откако покрај триумфот на гранпри-трката тој забележа и најбрз круг и трката ја почна од пол-позицијата, со што се израмни со Џим Кларк, а пред него во оваа статистичка категорија се само Хамилтон (со 19 хет-трика) и Шумахер (22). Ферстапен во неделата стана првиот возач во историјата што надминал 1.000 круга во водство во една сезона (има точно 1.003). Тој е и единствениот возач што го помина секој тркачки круг во сезоната 2023. Н.М.


ПЛАСМАН НА ВОЗАЧИ

Макс Ферстапен 575
Серхио Перез 285
Луис Хамилтон 234
Фернандо Алонсо 206
Шарл Леклер 206

ПЛАСМАН НА КОНСТРУКТОРИ
Ред Бул 860
Мерцедес 409
Ферари 406
Мекларен 302
Астон Мартин 280
Извор: Формула 1