Фото: ЕПА

ТЕНИС – ДЕЈВИС-КУП

Италија ја освои титулата по пауза 47 години

Репрезентацијата на Италија ја освои својата прва титула во тенискиот Дејвис-куп по 47 години пауза, со победата над Австралија во финалето со 2-0, играно во Малага (Шпанија).
Поединечните триумфи ги остварија Матео Арналди на дуелот со Алексеј Попирин со 7-5, 2-6, 6-4 и Јаник Синер на натпреварот со Алекс де Минаур со 6-3, 6-0.
– Тоа е неверојатно чувство за сите нас, очигледно дека сме навистина среќни – рече Синер, пренесе „Би-би-си“.
Ова беше 111-то издание на тениското светско првенство за репрезентации, кое се игра од 1900 година. Најмногу титули досега освоија САД, 32, а потоа се Австралија со 28, Велика Британија и Франција со по 10, Шведска со седум, Шпанија со шест…
Италијанската репрезентација претходно победи во Дејвис-купот во 1976 година. Н.М.


ФУДБАЛ – САД, МЛС-ЛИГА

ФК Лос Анџелес на Ока Николов е во полуфиналето

ФК Лос Анџелес, актуелниот шампион во фудбалското првенство на САД, МЛС-лигата, се пласира во полуфиналето на плејофот за сезонава, со победата на гости кај Сиетл саундерс, со 1-0.
Тимот, во кој тренер на голманите е некогашниот македонски репрезентативец Ока Николов, во мечот за пласман во финалето ќе игра со Хјустон динамо, кој со истиот резултат славеше на дуелот со Спортинг Канзас сити, дома.
За ФК Лос Анџелес сезонава, меѓу другите, настапува некогашниот италијански репрезентативец Џорџо Кјелини, а во минатата сезона играше Велшанецот Герет Бејл.
Другата полуфинална двојка е Синсинати – Колумбус. Во четврт-финалето Синсинати славеше дома на мечот со Филаделфија со 1-0, а Колумбус на гости кај Орландо со 2-0, по продолженијата.
Двете полуфиналиња на програмата се в сабота, а домаќини на средбите се ФК Лос Анџелес и Синсинати. Од полуфиналистите досега прваци на МЛС-лигата биле Хјустон (во 2006 и во 2007 година), Колумбус (2008, 2020) и ФК Лос Анџелес (2022). Н.М.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – СВЕТСКИ КУП

Доминантниот Крафт стоти пат се искачи на подиумот

Австриецот Стефан Крафт забележа две победи на првите два натпревара сезонава во Светскиот куп во скијачки скокови, одржани во Рука (Финска). Крафт се претстави во извонредна форма и ја декласира целата конкуренција, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
– Мислам дека тоа беше најдоброто натпреварување во мојата кариера – рече Крафт, по неговиот вкупно стоти пласман на подиумот.
На вториот натпревар второто место му припадна на тимскиот колега на Крафт, Јан Херл, со повеќе од 22 поена заостанување, а трет е Андреас Велингер од Германија.
– Никогаш не сум го видел Стефан да скока толку добро откако сум тренер – рече главниот тренер на австриската репрезентација, Анди Видхелцл, пренесе ФИС.
Крафт леташе двапати по 148,5 метри на скокалницата со големина од 142 метри. Тој сега има 32 победи, исто толку втори места и 36 трети места во Светскиот куп. Крафт води во вкупниот поредок за сезонава со максимални 200 бода, а по него се Германците Пиус Пашке со 130 и Велингер со 110… Светскиот куп продолжува викендов во Лилехамер (Норвешка). Н.М.