Се заштитува вредниот иконостас во црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп

Во прилепската црква „Св. Благовештение“, или попозната како Стара црква, при крај е третата фаза од реставрацијата и заштитата на вредниот иконостас, еден од најзначајните во Македонија, кој е стар повеќе од 180 години. Од Заводот и музеј во Прилеп велат дека со реставрацијата на иконостасот треба да бидат опфатени и вградените икони.
– Трета година работиме на конзервација и реставрација на иконостасот и од предната и од задната страна, на конструкцијата и на резбата и на вградените икони. Годинава се третираше јужната страна, односно се применуваа следните постапки – заштита и микро и макрочистење, потоа консолидација на резбата и на конструкцијата, па конзервација и реставрација на вградените икони кај парапетните плочи и во таблите, односно во првата зона. Процесот на заштита ќе го завршиме комплетно до крајот на годината. На задната страна на иконостасот е започнат процесот на симнување на мрсната боја, која ги прикрива оштетувањата. Тој процес оди побавно, но по вадењето на мрсната боја ќе вршиме заштита. Иконостасот прво не бил премачкан со мрсна боја, подоцна го намачкале. Но не требало. Затоа сега се преземаат соодветни мерки за заштита – вели Оливера Макриевска, советник конзерваторка, која истакнува дека предмет на заштита се и 25-те празнични и 12-те престолни икони и медалјони, како и четири на дверите.
Нашите соговорници од Заводот и музеј велат дека в година треба да се заврши со статиката на иконостасот и комплетно да биде завршена неговата заштита, бидејќи е вредно културно наследство и еден од најубавите во Македонија.
Во книгата „Сто и седумдесет години осветување на црквата ’Свето Благовештение’ во Прилеп“ од авторот Златко Ангелески (2009 година) пишува дека иконостасот од црквата „Св. Благовештение“ е ремек-дело на мијачките мајстори во земјава. Тој е најголем и најмонументален. Датира откога е градена црквата. Долг е 16 метри, висок 6,2 метри изработен од тајфата на Петре Гарката и неговиот зет Димитар Станишев и е вредно уметничко наследство не само за црквата туку и за музејот, а во својата основа е праволиниски.

Иконостасот е изработен од ореово дрво. Петар Гарката го работел во делови три години во куќата на браќата Мисиркови. Чинел околу 1.000 турски лири. Деловите подоцна биле составувани во црквата. Иконостасот е на два кат, поделен на неколку појаси. Првиот кат има китабиња, фриз и колони со престолни икони. Над престолните икони има фриз работен во длабока резба со растителна орнаментика. Корнизот е граница меѓу двата ката. Потоа се празничните икони, кои се во горниот дел од иконостасот.
Црквата „Св. Благовештение“,попозната како Стара црква, изградена е од познатите прилепски мајстори Коста Лауцо и Ристе Тасламиче во 1838 година. Таа е долга 32 метра, широка 26 метри и висока девет метри. Црквата и ден-денес е духовен храм за прилепчани.
Освен иконостасот, особено вредно ремек-дело е и владичкиот стол, исто така изработен од Гарката. Тој е едно од неговите последни уметнички дела и единствен од таков вид во земјава.

Текст и фото: Kaролина Мицевска