Антонио Ристевски

Македонија на ЗОИ имала вкупно шест претставнички во женска (четири нордијки и две алпинки) и осум во машка конкуренција (тројца нордијци и петмина алпинци). Најмногу настапи, на по три ЗОИ, имаат нордиецот Дамјановски и алпинецот Ристевски. Два настапа како спортист има Динески, а потоа уште четири како тренер. Кај тренерите, шест учества на ЗОИ има Лесевски…

МАКЕДОНИЈА СЕДМИ ПАТ ЌЕ УЧЕСТВУВА НА ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ

На претстојните 24. Зимски олимписки игри, кои од петок до 20 февруари ќе се одржат во Пекинг, Кина, Македонија ќе има тројца спортисти. Тоа се Ана Цветановска и Ставре Јада во нордиско и Дардан Дехари во алпско скијање, предводени од тренерите Борче Јовановски и Антонио Ристевски и од спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Владимир Богоевски. Македонското знаме на свеченото отворање на Игрите ќе го носат Цветановска и Дехари.
Македонските скијачи, под македонското знаме, досега учествувале на шест зимски олимписки игри (ЗОИ), почнувајќи од тие во Нагано, Јапонија, во 1998 година. Потоа следуваа Игрите во Солт Лејк Сити, САД, во 2002 година; во Торино, Италија, во 2006-та; во Ванкувер, Канада, во 2010-та; во Сочи, Русија, во 2014-та; и во Пјонгчанг, Јужна Кореја, во 2018 година.
Македонија на зимски олимписки игри имала вкупно 14 преставници, шест во женска (четири нордијки и две алпинки) и осуммина во машка конкуренција (тројца нордијци и петмина алпинци). Најмногу настапи, на по три зимски олимписки игри, имаат нордиецот Дарко Дамјановски (во 2006, 2010 и во 2014 година) и алпинецот Антонио Ристевски (во 2010, 2014 и 2018 година).

Дарко Дамјановски

Две учества како активен скијач има нордиецот Ѓоко Динески, во 1998 и во 2002 година, а потоа уште четири како тренер, во 2006, 2010, 2014 и во 2018 година. И Ристевски сега ќе има учество на зимски олимписки игри како спортист и како тренер. Кај тренерите, шест учества на ЗОИ има Иван Лесевски (од 1998 до 2018 година).
Два настапа на зимски олимписки игри ќе има и Јада, а по еден имаат алпинците Јана Николовска и Александар Стојановски (во 1998 година), Ивана Ивчевска и Ѓорги Марковски (во 1996-та) и Дехари (во 2022-та), како и нордијките Росана Кироска (во 2010-та), Марија Колароска (во 2014-та), Викторија Тодоровска (во 2018-та) и Ана Цветановска (2022-та).Што се однесува до досегашните настапи и пласмани на македонските скијач(к)и на зимските игри, во алпско скијање најдобар пласман има Ристевски, 29-ти, во слаломот на ЗОИ 2014.


МАКЕДОНИЈА НА ЗОИ

Нагано, Јапонија, 1998 година: Јана Николовска, Александар Стојановски (алпско скијање), Ѓоко Динески (нордиско скијање)
Солт Лејк Сити, САД, 2002 г.: Дејан Пановски (алпско скијање), Ѓоко Динески (нордиско скијање)
Торино, Италија, 2006 г.: Ивана Ивчевска, Ѓорги Марковски (алпско скијање), Дарко Дамјановски (нордиско скијање)
Ванкувер, Канада, 2010 г.: Антонио Ристевски (алпско скијање), Росана Кироска, Дарко Дамјановски (нордиско скијање)
Сочи, Русија, 2014 г.: Антонио Ристевски (алпско скијање), Марија Колароска, Дарко Дамјановски (нордиско скијање)
Пјонгчанг, Ј. Кореја, 2018 г.: Антонио Ристевски (алпско скијање), Викторија Тодоровска, Ставре Јада (нордиско скијање)
Пекинг, Кина, 2022 г.: Дардан Дехари (алпско скијање), Ана Цветановска, Ставре Јада (нордиско скијање)