Австралија опен вчера ги потврди носителите во двете конкуренции, па така, Ѓоковиќ е прв носител во машка конкуренција, пред Алкараз, Медведев, Синер…, а Швјонтек е прва носителка на турнирот за тенисерки, пред Сабаленка, Рибакина, Гауф… Вкупниот награден фонд за турнирот во Мелбурн е рекордни 46,5 милиони фунти
ТЕНИС – АВСТРАЛИЈА ОПЕН
Квалификациите за пласман на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен завршуваат денеска, а за денеска рано наутро е предвидена и ждрепката на двојките за турнирот што треба да почне в недела во Мелбурн. Ова е првпат Австралија опен да почне в недела наместо вообичаениот понеделник, а турнирот е продолжен на 15 дена бидејќи организаторите се надеваат дека ќе ги избегнат завршувањата на натпреварите во доцните ноќни часови, пишува „Би-би-си“.
Вкупниот награден фонд за гранслем-турнирот во Мелбурн е рекордни 46,5 милиони фунти, со зголемувања за секое коло од турнирот, пишува „Би-би-си“. Двајцата шампиони во поединечна конкуренција на Австралија опен ќе добијат по 1,7 милион фунти.
Во поединечна конкуренција ќе се натпреваруваат по 128 тенисери и тенисерки, а по 32 ќе бидат носители. Одредувањето носители, кое се заснова на пласманот на играчите на светските ранг-листи, се користи за да се одвојат најдобрите играчи и да се осигури дека тие нема да се сретнат во раните рунди на гранслем-турнирите.
Австралија опен вчера ги потврди носителите во двете конкуренции. Така, бранителот на титулата во машка конкуренција Новак Ѓоковиќ (Србија), кој е и рекордер на Австралија опен со 10 титули и вкупен рекордер според бројот на гранслем-трофеи, вкупно 24, е прв носител на годинашниот гранслем-турнир во Мелбурн, пред Шпанецот Карлос Алкараз, победникот на минатогодишниот гранслем-турнир Вимблдон, Русинот Данил Медведев, Италијанецот Јаник Синер…
Ига Швјонтек од Полска, победничка лани на Ролан гарос, е прва носителка на турнирот за тенисерки, откако на крајот на минатата година го врати првото место во светот од Белорусинката Арина Сабаленка, која го освои трофејот во женска конкуренција на Австралија опен во 2023 година и која е втора носителка годинава во Мелбурн, пред шампионката на Вимблдон од 2022 година, Елена Рибакина од Казахстан, Американката Коко Гауф, која го освои САД опен во септември минатата година…
Британската шампионка на САД опен од 2021 година, во Њујорк, Ема Радукану, е во рана фаза на враќањето откако поради операциите на зглобот и на глуждот паузираше осум месеци, а четирикратната победничка на гранслем-турнирите, Наоми Осака од Јапонија, исто така, се врати по породувањето минатата година, пишува „Би-би-си“. Шпанецот Рафаел Надал (22 гранслем-титули) нема да настапи и годинава, откако го повреди колкот на неодамнешниот турнир игран во Бризбејн. Н.М.