ШАХ – МАКЕДОНСКИТЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ ДЕНЕСКА ЗАМИНУВААТ НА ШО 2024 ВО БУДИМПЕШТА
Шахистите пред почетокот на турнирот, кој почнува утре, се рангирани на 61-то место (просечен рејтинг 2.421) меѓу 194 селекции, а шахистките се 57. (2.025) од 181 репрезентација
Македонската машка шаховска репрезентација по 15-ти, а женската по 14-ти пат ќе настапат на Шаховска олимпијада (ШО), од утре до 23 септември, во Будимпешта (Унгарија). Денеска се пристигнувањето на селекциите и свеченото отворање на 45-та ШО, а утре се партиите од 1. коло. Шахистите пред почетокот на турнирот се рангирани на 61-то место (просечен рејтинг 2.421) меѓу 194 селекции, а шахистките се на 57-то (2.025) од 181 репрезентација. Се игра на четири табли, со една резерва, во вкупно 11 кола.
Во споредба со минатата ШО, во 2022 година, во Ченаи (Индија), од сегашниот состав кај мажите дебитанти се велемајсторот (ВМ) Евгени Романов на местото на ВМ Звонко Станојоски и Антон Златков на местото на ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Андреј Велјаноски. Кај жените Сања Трајковска вторпат е на шаховска олимпијада, на местото на Драгана Николовска, другите се исти како на претходната.
– Ќе го дадам максимумот од себе во секое коло. Би бил задоволен, ако на крајот го подобриме почетниот пласман за 10 места, што, според мене, би претставувало успех – вели актуелниот шампион на Македонија, интернационалниот мајстор (ИМ) Тони Лазов.
Најдобриот почетен пласман (33-ти) и просечен рејтинг (2.543) на македонските шахисти досега бил на ШО 2002 во Блед, а кај шахистките на ШО 1996 во Ереван (43-ти и просечен рејтинг 2.139) во 2000 година во Истанбул. Шахистите најдобриот пласман го остварија во 2002 година, 11. место со 18 бода (33 поени по табли) од 14 кола, а шахистките во 1998 година, 34-ти со 14 бода (20 по табли) од 13 кола. На ШО 2022 мажите беа 70-ти, а жените на 62-то место.
– Моите очекувања на личен план се да го подобрам сопствениот рејтинг, да одиграм квалитетни партии и да имам победи со посилни противнички од мене. На екипен план се надевам на подобрување на почетното рангирање за десетина места и со тој пласман би била задоволна – вели репрезентативката ЖФМ Моника Стојковска.
Досега најмногу настапи на шаховските олимпијади од шахистите има Трајко Недев (12), а следуваат Никола Митков (10), Звонко Станојоски (девет), Влатко Богдановски (седум), Владимир Георгиев (седум)…, односно вкупно 19 шахисти. Кај шахистките води Габриела Коскоска (11), пред Весна Секуловска (седум), Моника Стојковска, Драгана Николовска (со по шест)…, или вкупно 17 шахистки.
– Очекувам добро да играм и да го дадам својот максимум, а верувам дека и моите колешки ќе го направат истото. Во репрезентацијата има позитивна атмосфера. Не можеме да ветуваме многу, според нашите можности, ама секако успех ќе биде ако сме десет места подобро рангирани од почетното рангирање – вели дебитантката Сања Трајковска.
Во настојувањата да се оствари што подобар пласман, македонската машка и македонската женска репрезентација во поширок состав, а предводени од селекторите Атанас Кизов (мажи) и Љубиша Андоновски (жени), одржаа заеднички четиридневен подготвителен камп во Струмица, кој заврши во неделата. Според зборовите на Кизов, единствено недостигаше Емил Ристески, кој од САД директно ќе пристигне во Будимпешта.
Во Будимпешта ќе настапат вкупно 978 шахисти (245 ВМ, еден ЖВМ, 126 ИМ, 169 ФМ, 82 КМ), а во женска конкуренција 915 шахистки (17 ВМ, 54 ЖВМ, 55 ИМ, 108 ЖИМ, 12 ФМ, 114 ЖФМ). Титулите од 2022 година ги бранат шахистите на Узбекистан и шахистките на Украина. Г.И.