Задоволен сум од бронзениот медал. По сѐ што вложивме и очекуван за нас, иако беше извонредно тешко, особено првата борба со Хрватката Дора Мештровиќ, вели тренерот Александар Ефтимов

ТАЕКВОНДО

Македонската таеквондистка, членка на ТК Тигри од Скопје, Милијана Рељиќ (20), продолжува да бележи успеси на значајните меѓународни натпреварувања. Така, по освоениот сребрен медал на турнирот Балкан Г1-куп, одржан во Сараево (БиХ) при крајот на ноември годинава, Рељиќ викендов освои бронза на Европското првенство (ЕП) до 21 година, кое се одржа во Букурешт (Романија).
Притоа Рељиќ (категорија до 62 кг) оствари три тешки победи над ривалки од Хрватска, Грција и од Полска, а во полуфиналето загуби од силната претставничка на Унгарија. Годинава Рељиќ освои и злато на турнирот Скопје Г1 Рамус опен, сребро на Талин Г1 опен, бронзи на клупското Европско првенство во Софија и на Г2 опен во Анкара.
– Задоволен сум од бронзениот медал. По сѐ што вложивме и очекуван за нас, иако беше извонредно тешко, особено првата борба со Хрватката Дора Мештровиќ, која ја доби првата рунда, а Рељиќ втората, иако судиите правеа многу грешки и ни дадоа четири негативни поени, а со пет се губи рундата. Но во третата рунда Милијана доминираше и поради извонредната физичка кондиција дојде до триумф. Во второто коло беше совладана со 2-1 во рунди, Дафне Стаму од Грција, а во борбата за медал беше победена со 2-0 во рунди Јулија Шпак од Полска. Со неа Рељиќ се сретна на Европското првенство во олимписки категории, во август годинава, во Талин, каде што, исто така, ја победи. Во полуфиналето Милијана за ривалка ја имаше извонредната Унгарка Вивијана Мартон, една од најдобрите во светот. Иако бевме поразени со 0-2 во рунди, сепак, ветуваме дека следниот пат ќе ја победиме. Мартон нѐ порази и на минатото Европско првенство до 21 година, во четврт-финалето, но сега формата на Милијана е на многу повисоко ниво и прикажа многу подобра борба – вели тренерот Александар Ефтимов.
На младинското Европско првенство настапи и вториот македонски претставник Горјан Бадаровски (категорија над 87 кг), но беше поразен во првото коло.
– Бадаровски, иако загуби, сепак, покажа одлична борба. Нему ова му е само втор ваков голем турнир и секако дека му треба повеќе искуство. За жал, и немаше среќа, уште во првото коло за противник го доби Гркот Филипос Димитракопулос, кој потоа стигна до полуфиналето. Гледајќи ги другите во таа категорија, Горјан можеше да стигне и до подобри резултати. Да потсетам дека ова Европско првенство, сепак, не носи поени за олимписката ранг-листа оти беше за млади од 16 до 21 година.

Турнирите над 17 години носат поени – рече Ефтимов.
Натпреварувачката година полека изминува, сепак за Рељиќ и за Ефтимов нема одмор. Квалификациите во март во Софија, каде што две кандидатки од Европа ќе изборат директна норма за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, останува главната цел за идната година.
– Не одмораме. Веќе денеска на спаринг-дуели ни доаѓаат неколку странски натпреварувачки. Па така, три од првите десет на светската ранг-листа ќе бидат во Скопје за подготовки за квалификациите за пласман на Олимписките игри во Париз, во 2024 година. Квалификациите, пак, ќе се одржат во Софија, на 11 март. До почетокот на февруари немаме натпревари, туку имаме неколку тренинг-кампа, а допрва ќе одлучиме на кои ќе учествуваме – вели Ефтимов.
Ова е вкупно четврти медал досега за Македонија на европските првенства за млади (до 21 година). Дејан Георгиевски има два бронзени, а Филип Додевски еден медал, исто така, бронзен. Г.И.