Скопје очекува…

Празничниот период секогаш ја буди онаа помалку позната страна на градот, и тоа баш како во филмовите. Некако поинакво е чувството кога шеташ во празничен новогодишен амбиент. Во воздухот како да се чувствува нешто романтично, нешто убаво… нешто како оној мирис од детството што ќе нѐ врати десетина години назад, кој ни предизвикува едно старо, но сепак ново поинакво чувство од досегашното. Новогодишниот декор некако како да ја буди онаа поинаква страна на граѓаните, како да ја буди душата на градот

Скопје очекува да блесне во ново празнично руво, нешто на што скопјани навикнаа во изминатите години. Да се развее македонското знаме, да блесне новогодишната елка, да се украсат главните скопски улици како што ѝ доликува на една метропола, на еден главен град, а граѓаните да се израдуваат, особено нивните деца, кои со душа го очекуваат новогодишниот декор.
Празничниот период секогаш ја буди онаа помалку позната страна на градот, и тоа баш како во филмовите. Некако поинакво е чувството кога шеташ во празничен новогодишен амбиент. Во воздухот како да се чувствува нешто романтично, нешто убаво… нешто како оној мирис од детството што ќе нѐ врати десетина години назад, кој ни предизвикува едно старо, но сепак ново поинакво чувство од досегашното. Новогодишниот декор некако како да ја буди онаа поинаква страна на граѓаните, како да ја буди душата на градот.
Овој период од годината секогаш е омилен кај сите, бидејќи скопјани сакаат да шетаат низ украсени улици, да ги фотографираат своите деца со големата елка што блеска среде плоштадот, додека мирисот на печени костени се шири низ студениот воздух и магично ги привлекува граѓаните да си ја почестат душата со нив.
Дополнително, празниците се период на зближување, а нема поголем мотив за да повикате гости од странство од тоа да ги прошетате низ украсените скопски улици и централното јадро, па со гордост да се фалите дека иако сме мала и релативно сиромашна земја, сепак достојно ги пречекуваме новогодишните празници.
Во овој период од годината, Скопје има со што да се пофали. Убав и простран плоштад, кој, кога за Нова година ќе се украси со голема елка и други украси, наликува на град од бајките.
Убавината на празниците е во заедничкото споделување, а најголемата гордост е кога гостите што ни дошле имаме каде да ги прошетаме и што да им покажеме.
Граѓаните се надеваат, па и очекуваат нешто што ќе ги изненади, нешто што ќе ги остави со подзинати усти, нешто што ќе ги израдува нив и, секако, најмалите жители на Скопје.
Иако сите се согласни дека не мора да се трошат многу пари. И со обични жолти светилки Скопје знае да блесне и да се покаже во најубаво светло. Не ни треба нешто спектакуларно, доволно е малку само да се измени амбиентот, да се дополни со новогодишен декор и народот ќе биде среќен.

Нема ниту еден што не сака новогодишен декор.
Тоа најлесно се гледа дури откако ќе се украсат градот и улиците. Тогаш сите се надвор, колку и да е студено, сите шетаат и сакаат да го видат својот украсен град, сите сакаат да се фотографираат со елката и со поставените украси.
Сите го сакаат Скопје во новогодишно руво.
Сепак, никој од нас не знае што да очекува, но сите се надеваат дека темниот зимски амбиент, кој се чувствува насекаде низ градот, ќе биде барем малку разигран со новогодишни светилки.
Сите се во исчекување за да видат колку Скопје ќе биде празнично украсен.
Сега засега фокусот на граѓаните е во затворените трговски центри, бидејќи таму веќе наголемо се чувствува новогодишната магија.
Но сите се согласни дека ниту еден трговски центар не може да ги замени градскиот плоштад и новогодишната елка среде него, која како магнет ги привлекува сите, колку и да е загадено, колку и да е студено.
Сите го сакаат новогодишното Скопје.
Сите се надеваат дека градот убав за празниците пак ќе никне.
Скопје е секако убав, но за новогодишниот период е особено убав. Таа новогодишна магија може да се почувствува само во овој период, каде што приказната заеднички ја плетат граѓаните во Скопје.
Во новогодишниот период не блеска само елката. Блескаат децата, блескаат родителите, блескаат старите и младите.
А токму затоа и се празниците. Да нѐ зближат, да нѐ обединат, да нѐ развеселат, а нам како жители ќе ни биде должност да ги споделиме таа радост и убавина меѓусебно додека уживаме во новогодишниот декор, кој го очекуваме и на кој му се радуваме.
Скопје е жив организам, Скопје е град што живее преку нас и токму затоа таа празнична енергија го прави нашето Скопје најубавиот град на светот.

[email protected]