На изборното собрание беше прифатен предлог-календарот на ШФМ за 2022 година, во кој покрај домашните првенства во сите категории, најзначаен настан ќе биде Шаховската олимпијада, која треба да се одржи во Москва, Русија, во јули и во август
ШАХ
Саша Богдановиќ, поранешниот градоначалник на Општина Центар, е новиот претседател на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) и на оваа функција ќе биде во следните четири години. Тоа е епилогот по одржаното Изборно собрание на ШФМ во Скопје. Богдановиќ доаѓа на местото на Александра Гакидова, која по една година на чело на федерацијата од лични причини се повлече, но остана и понатаму во новиот Управен одбор на ШФМ.
Гакидова на чело на ШФМ дојде во март 2021 година и по Лидија Софревска-Андонова (која беше претседателка од 2010 до 2012) беше втора жена што раководеше со оваа функција. Додека Гакидова ја предводеше ШФМ, Струга беше домаќин на 36-от за мажи, односно 25-от за жени Европски клупски куп (ЕКК) во шах, на кое играше и актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, што претставуваше огромен настан за македонските љубители на древната игра.
– Од 20 повикани делегати, присуствуваа 16 и тие едногласно му ја дадоа довербата на новиот претседател, од кого, пак, очекувам дека ќе ги продолжи развојниот правец и поддршката на шахот, кој го имаше претходното раководство. Тоа што има голем број членови од стариот УО и во новиот е само доказ дека ќе се оди во таа насока. Во согласност со програмата што ја претстави Богдановиќ, меѓу другото, ќе продолжат поддршката за клубовите и развојот на шахот меѓу најмладите.
Градскиот шаховски сојуз на Скопје, секако, ја поддржува политиката на ШФМ за популаризација на „црно-белите“ полиња помеѓу најмладите и веќе работи на организација на шаховски школи во неколку основни училишта во општина Центар – вели Ѓорѓи Миновски, претседател на Градскиот шаховски сојуз на Скопје, кој на Изборното собрание на ШФМ беше во својство на делегат.
Во новиот УО на ШФМ се Богдановиќ, претседател на ШФМ, Агим Шемсиу, потпретседател, Гакидова, секретарка на УО, и членовите Зоран Стојчевски, Мирјана Славевска, Лидија Софревска-Андонова, Рамиз Дема, Воислав Мерџаноски и Сурија Таук.
На изборното собрание беше прифатен предлог-календарот на ШФМ за 2022 година, во кој покрај домашните првенства во сите категории, најзначаен настан ќе биде Шаховската олимпијада, која треба да се одржи во Москва, Русија, во јули и во август.