Фото: ЕПА

Периодот што го имавме со ривалството на Федерер, Надал и Ѓоковиќ ќе остане единствен и нема да се повтори. Сетете се што кажавме, дека Агаси и Сампрас беа врвот, мислевме нема да има ништо посилно од тоа. Кога почнав, истото се зборуваше за Борг и за Мекинро, а потоа стигнав јас со Лендл и со Едберг. Секогаш ќе има наследници, но поради Роже, Новак и Рафаел, границата ќе биде многу висока, вели Бекер за „Л’Екип“, пренесе „Новости“

Борис Бекер му се врати на тенисот. Германецот му стана главен тренер на Данецот Холгер Руне, по Новак Ѓоковиќ, а неодамна во големото интервју за францускиот „Л’Екип“ зборуваше за своите животни искуства, пренесува српскиот дневен весник „Новости“.
– Мислам дека тенисот е на пресвртница. Периодот што го имавме со ривалството на Роже Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ ќе остане единствен. И тоа нема да се повтори. Никој повеќе нема да освои повеќе од 20 гранслем-трофеи во кариерата. Сепак, има млади луѓе со карактер, оние што ветуваат, треба да им дадеме време. Тие треба да се развиваат и да станат одговорни. Не сум загрижен за нив. Сетете се што кажавме, дека Агаси и Сампрас беа врвот, мислевме нема да има ништо посилно од тоа. Кога почнав, истото се зборуваше за Борг и за Мекинро, а потоа стигнав јас со Лендл и со Едберг. Секогаш ќе има наследници, но поради Роже, Новак и Рафаел, границата ќе биде многу висока – пишува „Л’Екип“, пренесе „Новости“.
Бекер сега му е тренер на Руне.
– Сакам силни личности. На тенисот му требаат играчи со карактер, некој што ги покажува своите емоции. Тоа ги вклучува публиката и судиите, тоа е добро. Ако Холгер не ги почитува правилата, ќе плати казна, како што беше случајот со мене. Најлошото нешто во тенисот е да има играчи што се тивки цело време. Публиката сака акција, не само акција во смисла на добар сервис или размена на удари, туку сака личности што се предизвикуваат едни со други и луѓето околу нив. Ми се допаѓа агресивноста на Холгер. И самиот бев агресивен играч. Ми се допаѓа и како се изразува на теренот, тој е вистински борец, жешка глава. Понекогаш го пробува невозможното. И ја има оваа невидена страст за играта – вели Бекер.
Бекер зборуваше и за прекинот на соработката со Ѓоковиќ во 2016 година.
– Бевме заедно три години, освоивме сѐ и повторивме. Книгата беше напишана. Мислам дека тој се измори, паузираше, и јас исто. Совршената љубовна приказна дојде до крајот. Ништо не остана. Истовремено станав технички директор на Германската тениска асоцијација, а малкумина го спомнаа тоа. Не се повлеков од тенисот, поминав многу време со младиот Зверев, па четири години во Дејвис-куп тимот, до крајот на 2021 година – рече Бекер, кој лани беше во затвор во Англија.
– Кога ги слушнам играчите како се жалат на притисокот со кој се соочуваат за време на брејк-топки, се смеам. Кога ги слушам како се жалат на квалитетот на храната на турнирот, се смеам. Кога се жалат на условите за тренинг, се смеам. Тоа не е ништо во споредба со тоа каде сум бил. Бев професор по стоицизам, можеме само да контролираме што е во нашата свест. Ако успееме, добиваме невидена моќ. Остатокот, љубовта, работата, плановите, натпреварите е невозможно да се контролираат. Ако го разбирате стоицизмот, нема да ве излуди сето тоа. Го зајакнувате умот и стекнувате моќ – вели Бекер. Г.И.