Узбекистанскиот велемајстор е на четвртото место на априлското рангирање на ФИДЕ, а само пет играчи претходно успеале да се пласираат меѓу врвните пет пред да наполнат 20 години, пишува „чес“. Абдусаторов е најмладиот играч со 2.400 поени, најмладиот меѓу првите 100 за јуниори и најмладиот светски првак во забрзан шах
Узбекистанскиот велемајстор (ВМ) Нодирбек Абдусаторов (19) постигна историски успех на априлската рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Тој е на четвртото место, а според истражувањето што го направи шаховската интернет-страница „чес“, само пет играчи претходно успеале да влезат меѓу врвните пет на листата пред да наполнат 20 години, Гари Каспаров (во 1982 година), Алексеј Широв (1992), Владимир Крамник (1994), Магнус Карлсен (2010-) и Алиреза Фирузја (2021 година). Фабијано Каруана стигна до седмото место на 19 години, Гата Камски беше осми со само 16 години, Веселин Топалов осми со 18, а Василиј Иванчук шести пред 20-от роденден, пишува „чес“.
Абдусаторов го држи рекордот и како најмлад играч со 2.400 поени, подвиг што го постигна на возраст од 10 и пол години. На 11 години постави рекорд со тоа што стана најмладиот шахист што влезе меѓу првите 100 за јуниори, а во 2021 година, на 17 години, стана најмладиот светски првак во забрзан шах. Абдусаторов несомнено доминира на априлската листа, а со новите 15 поени се искачи од 11-то на четвртото место, благодарение на победата на турнирот во Прага.
Меѓу првите 10 се приклучи и Индиецот Арјун Еригаиси на деветтото место, кој освои осум рејтинг-поени. Актуелниот светски првак, Кинезот Динг Лирен (2.762), сега е петти, а поранешниот петкратен светски првак Магнус Карлсен (2.830) останува на врвот, каде што е од јули 2011 година, а нема знаци дека тоа би можело да се промени во блиска иднина.
На листата за шахистки неприкосновена е Кинезинката Јифан Хоу (2.632), пред нејзината сонародничка и светска првенка Ју Венјун (2.559), а трета е Русинката Александра Горјачкина (2.553).
На македонската машка рејтинг-листа на ФИДЕ, за април, меѓу првите 100 и понатаму води Кирил Георгиев (рејтинг 2.545), а и кај шахистките меѓу 42 на листата, прва и понатаму е ЖФМ Весна Секуловска (2.067). Кај шахистите во однос на март најмногу поени (33) освои Кирил Николовски (1.936), кој од 98-то се искачи на 85-то место, а само шестмина одиграле партии. Кај шахистките само Елисавета Брнс (1.503) одигра партии и е на 34-то место.
Македонија меѓу шахистите е на 58-то место (меѓу 203 држави) со рејтинг 2.424 (-1), според просекот на првите 10 шахисти, а на листата за шахистки падна за едно место и сега е 60-та со ист рејтинг (1.951) како на претходното рангирање. Кај мажите водат САД (2.724), пред Индија (2.713) и Кина (2.685), а кај жените прва е Кина (2.479), пред Индија (2.418) и Украина (2.388). Г.И.
ВОДЕЧКИ НА РАНГ-ЛИСТАТА НА ФИДЕ
МАЖИ
Магнус Карлсен 2.830
Фабиано Каруана 2.803
Хикару Накамура 2.789
ЖЕНИ
Јифан Хоу 2.632
Ју Венјун 2.559
Александра Горјачкина 2.553
МАКЕДОНИЈА, ШАХИСТИ
Кирил Георгиев 2.545
Трајко Недев 2.474
Филип Панчевски 2.437
МАКЕДОНИЈА, ШАХИСТКИ
Весна Секуловска 2.067
Моника Стојковска 2.057
Габриела Коскоска 1.993