Зидан ќе биде тренер на Реал Мадрид и во следната сезона

Французинот Зинедин Зидан ќе биде тренер на шпанскиот фудбалски првак Реал Мадрид и во следната сезона, откако се договорил со претседателот на клубот Флорентино Перез, објави шпанскиот дневен спортски весник „Марка“. Зидан минатото лето ја издвои домашната титула како трофеј што сакаше да го освои. Тој досега како тренер со Реал Мадрид трипати беше европски првак (2016, 2017 и 2018 година), освои по два трофеја за шампион на Шпанија и за Суперкупот на таа земја (двете во 2017 и во 2020 година), а по двапати славеше и во Суперкупот на УЕФА и на Светското клупско првенство (двете во 2016 и во 2017 година). 


Носителите  Металург и Бутел ги дознаа можните противници

Хрватските екипи Горица и Спачва од Винковци, потоа романската Констанца, ЦСКА од Русија и унгарскиот Ѓенѓеш се можните противници на македонските претставници во новоформираната Лига Европа, Металург и Бутел, за првото квалификациско коло за пласман во групната фаза на натпреварувањето, објави Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет-страница.
Ждрепката на двојките треба да биде влечена на 28 јули во Виена (Австрија), од 11 часот. Металург и Бутел се во групата на екипи што се носители во зоната 1, во која се уште и СКА Минск од Белорусија, Потаиса од Романија и Виктор од Русија.
Во првото коло од квалификациите ќе настапат вкупно 30 тима, а пред ждрепката тие се поделени во три зони. Победниците на двомечевите, вкупно 15 екипи, ќе се пласираат во второто квалификациско коло, во кое директно се пласираа девет тима (Левен, Монпелје, Фуксе Берлин, Тулуз, Спортинг, ГОГ, Бенидорм, Нексе и Балатонфуреди). Од квалификациите, во групната фаза на Лига Европа ќе се пласираат 12 тима.


Слободни се уште пет директни  места за фудбалската ЛШ

Уште пет тима недостигаат за комплетирање на директните учесници во групната фаза на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) за следната сезона. Вкупно 24 тима обезбедуваат место во групите со пласманот во домашните натпреварувања, а две места има за победниците на европските натпреварувања сезонава, ЛШ и Лига Европа (ЛЕ). Место во групите има уште за идните славеници во ЛШ и во ЛЕ, како и за уште две екипи од Англија и за уште еден од Италија. Преостанатите шест места се за најдобрите од квалификациите.
Во ЛШ досега се пласираа Ливерпул, Манчестер сити (Англија), Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Севилја (Шпанија), Јувентус, Аталанта, Интер (Италија), Баерн, Борусија Дортмунд, Лајпциг, Борусија Менхенгладбах (Германија), Пари сен Жермен, Марсеј (Франција), Зенит, Локомотив (Русија), Порто (Португалија), Бриж (Белгија), Шахтер (Украина) и Истанбул Башакшехир (Турција).
Ако идниот европски првак е меѓу тимовите што директно се пласирале со пласманот во домашното првенство, тогаш место во групите ќе добие првакот на Холандија, Ајакс. Ако, пак, победникот на ЛЕ е тим со веќе обезбеден пласман во ЛШ, неговото место ќе го заземе третопласираниот во Франција, Рен. Една земја може да има најмногу пет тима во ЛШ во една сезона.


ВБА му се приклучи на Лидс во Премиер-лигата

Вест Бромвич Албион (ВБА) е вториот тим од дивизијата Чемпионшип, покрај Лидс, што следната година ќе се натпреварува во англиската фудбалска Премиер-лига. ВБА, чиј менаџер е Хрватот Славен Билиќ, ремизира дома со КПР, 2-2, но и тој бод му беше доволен за освојување на второто место, што води директно во повисок ранг. За преостанато трето место, што, исто така, значи играње во Премиер-лигата, ќе разигруваат Брентфорд, Фулам, Кардиф и Свонси, кој во последен момент го претекна Нотингем форест (имаат по 70 бода) поради подобрата гол-разлика од плус три гола. Полуфиналните двојки се Свонси – Брентфорд и Кардиф – Фулам. Финалето треба се игра на 4 август на стадионот „Вембли“. Во понизок ранг се селат поранешните премиерлигаши Чарлтон, Виган и Хал. Л.Д.