Списокот на спортисти што досега настапиле и на летни (ЛОИ) и на зимски олимписки игри (ЗОИ) моментно е 136, а пензионираниот скијач Ивица Костелиќ (40) има намера да биде 137-от. Прославениот Хрват беше светски првак во слалом, втор во алпска комбинација и трет во супервелеслалом (во 2003 година), го освои големиот кристален глобус (2011) и со успех настапуваше на ЗОИ (2006-2014), освојувајќи четири сребрени медали. Тој сега има нова олимписка цел, овој пат за ЛОИ, и тоа Париз во 2024 година.

– Понекогаш ми недостига скијањето. Знам да одам да гледам некоја трка кога е убаво времето и тогаш добивам желба да се натпреварувам иако сум свесен дека моето време помина, а и моето колено повеќе не е подготвено за такво нешто – вели Костелиќ.
Неговата нова спортска цел е едрењето.
– Последните три сезони се занимавам со крајбрежно едрење и веќе имам искуство. На ЛОИ 2024 ќе се воведе нова дисциплина во овој спорт, па затоа целта ми е да изборам пласман и да настапам таму како едриличар – вели Костелиќ.

Ако му се оствари оваа желба, тој ќе биде петтиот Хрват што настапил и на ЛОИ и на ЗОИ. Пред него тоа им успеало на Јурица Грубашиќ, Славен Крајачиќ, Дејан Војновиќ (кои на ЛОИ настапиле во спринтерските дисциплини, а на ЗОИ во боб) и Андраш Хаклитш, кој четири пати настапил како фрлач на кладиво, а еднаш во боб.

Прв од балканските простори е Србинот Александар Миленковиќ, кој има учествувано на ЗОИ во Албвервил (1992 година) во скијачко трчање, а шест месеци подоцна и на ЛОИ во Барселона во велосипедизам. Тој повторно настапил на ЗОИ во Торино (2006) во биатлон и скијачко трчање.