Индиското шаховско чудо од дете, Рамешбабу Прагнананда (рејтинг 2.529), со 12 години, 10 месеци и 13 дена стана вториот најмлад велемајстор во шаховската историја

На само 12 години, 10 месеци и 13 дена, индиското шаховско чудо од дете, Рамешбабу Прагнананда (2.529) стана вториот најмлад велемајстор (ВМ) во шаховската историја. Тој на 23 јуни ја освои својата трета велемајсторска норма на неодамнешниот Опен турнир во Ортизеј, Италија.
Прагнананда во последното 9-то коло играјќи со црни фигури го матира холандскиот ВМ Роланд Прујсерс (рејтинг 2.514), со што го подели првото место, но поради послабиот дополнителен критериум, тој, сепак, го освои второто место.
Прагнананда е роден на 10 август 2005 година во Чанај, Индија. Светски младински првак за момчиња под осум години стана во 2013 година, а титулата за момчиња под 10 години ја освои во 2015 година. Неговата постара сестра, Ваишали (рангирана прва во светот за шахистки до 18 години), е двократна младинска светска шампионка. Во 2016 година, тој стана најмладиот интернационален мајстор (ИМ), со 10 години, 10 месеци и 19 дена. На 23 јуни годинава стана ВМ. Во 2016 година, тој беше наречен Двоен Ананд, откако го победи ВМ Аксел Бахман, со црни фигури за помалку од 20 потези.
Една година подоцна, во 2017 година тој постигна уште една голема победа, кога првпат порази играч со рејтинг поголем од 2.700, а тоа беше ВМ од Англија Дејвид Ховел. Прагнананда ја постигна својата прва норма за ВМ на Светското младинско првенство во Тарвизио, Италија. Во тој миг, многумина сметаа дека тој ќе го собори рекордот на рускиот ВМ Сергеј Карјакин за околу 100 дена.
Прагнананда потоа тргна на светска турнеја, играјќи пет велемајсторски турнири на четири континенти за три месеца, за исполнување на две велемајсторски норми и еден сон – да стане најмладиот ВМ на сите времиња.
Праги, како што е повеќе попознат, не беше сам. Тој беше придружуван од неговата мајка, Нагалакшми, а повремено и од неговата постара сестра, ЖИМ Ваишали, а за вистинските потези и одлуки се грижеше неговиот шаховски ментор и тренер, ВМ Рамеш. Но, овој период, сепак, се покажа како стагнирачки. Се чини дека играше добар шах, создаваше солидни позиции и го одржуваше својот рејтинг од 2.500 поени, но ВМ норми едноставно никако да ги освои. По турнир во Рејкјавик, Исланд, рекордот на ВМ Карјакин не беше надминат.

На следниот затворен турнир во Грција, на Родос, Праги одигра затворен турнир и постигна одличен резултат со седум поени од девет можни, освојувајќи ја втората норма за ВМ.
– Тоа е фантастично достигнување од толку млад шахист. Праги е многу талентиран и упорен шахист и треба да ја искористи оваа силна основа за да атакува понатаму на титулата светски првак. Тој има капацитет да го стори тоа – не го криеше своето задоволство ВМ Рамеш по овој успех.
Честитки за постигнатиот успех почнаа да пристигнуваат од сите страни, а не изостанаа ни од поранешниот светски првак и негов сонародник, Индиецот Вишванатан Ананд, како и од Владата на Индија.
Како споредба, актуелниот претендент за светската круна, Американецот Фабијано Каруана ВМ станал со 14 години, 11 месеци и 20 дена (моментно е 29-ти во светот), а најмлад женски ВМ е Кинезинката Хои Јифан (14 години, шест месеци и 16 дена) и моментно е рангирана на 19-то место. Најмлад македонски велемајстор, пак, е Никола Митков, кој со највисоката шаховска титула се стекна на 22 години (1993).