Сите трки во Европскиот куп се одложени најмалку до Нова година, за понатаму ќе видиме. Тоа значи дека како резервна опција ни остануваат настапите на некои регионални трки во соседството, вели Ѓоко Динески, тренерот и селектор на македонските нордиски скијачи

Во Скопје, на патеката од ОУ „Кочо Рацин“ до Средно Водно и до манастирот „Свети Пантелејмон“ во Нерези, се одржа четвртиот Скопје ФИС-куп во ролер-ски, на 5 и на 10 км. На него настапија повеќе од 30 нордиски скијач(к)и од Македонија, Србија, Хрватска, Грција и од Романија. Претходно, кон крајот на август, во Крушево, се одржа и традиционалниот ролер-ски ФИС куп-натпревар во чест на Тоше Проески.
– Оваа трка и онаа во Крушево се дел од подготовките на најдобрите македонски нордијци за новата сезона, која ќе биде многу различна од сите претходни, според сѐ. Сите трки во Европскиот куп се одложени најмалку до Нова година, за понатаму ќе видиме.

Тоа значи дека како резервна опција ни остануваат настапите на некои регионални трки во земјите од најблиското соседство. Би било добро Ставре Јада да добие вајлд-карта за настап во Светскиот куп, но и тоа е неизвесно. Се надевам и посакувам состојбата со ковид-19 да се подобри, бидејќи од јануари 2021 до јануари 2022 година, пред Змиските олимписки игри во Пекинг, ќе треба да се исполнува олимписката норма. Во прв план е Јада, а покрај него се Дарко Крстески, Андонаки Костоски и Михаела Даноска – вели Ѓоко Динески, тренерот и селектор на македонските нордијци.