По повеќе години, поточно од јануари 2013 година, конечно е одблокирана жиро-сметката на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), поради повеќегодишно користење на шаховската просторија во ГТЦ во Скопје. Едниот долг кон едниот субјект во износ од 1.625.000 денари е целосно подмирен, а кон другиот (ГТЦ), е договорено тоа да се направи на 120 еднакви рати.
Ова, сепак, е добра вест, оти на контото на ШФМ сега ќе можат да се слеваат финансиски средства, не само од државата туку и од разни заинтересирани спонзори. Од општина Аеродром веќе е ветена помош од еден милион денари, додека ваучерот од Агенцијата за млади и спорт (АМС) во износ од 800.000 денари уште не е легнат на сметката на ШФМ. Посебно е значајно, што во 2021 година Македонија, а најверојатно Охрид е домаќин и на Европскиот клупски куп – ни изјави претседателот на Шаховската федерација на Македонија, Благоја Богоевски.
На последната седница на Управниот одбор (УО) на ШФМ, донесени се неколку одлуки.
– По подолго време е решено годиинава да има и екипно женско првенство на Македонија (две шахистки, плус една резерва, со можност една од странство), кое ќе се одржи за време на Отвореното првенство на Македонија (17-25 август). Потоа одржување и на поединечно првенство за жени (6-9 октомври во Струга или Охрид), како и екипни првенства во млади категории (четири шахисти плус еден по екипа), а пријавувањето да биде најдоцна до 10 септември, додека местото на одржување уште не е одредено. Понатаму, ако има доволно средства, да се учествува и на Шаховската олимпијада за млади во Турција (од 28.10 до 6.11 2019), како и да се формираат и доекипираат одредени комисии – рече Богоевски. Г.И.