Не чувствував стрес и немав трема кога излегов на преполниот стадион, само се фокусирав на она што треба да го направам и го направив, изјави 18-годишната Ема Радукану, по спласнувањето на чувствата од триумфот на САД опен
ТЕНИС – ЕМА РАДУКАНУ
Го гледав финалето и се обидов да се сетам како се чувствував. Гледав и не ми се веруваше дека јас сум таа што игра и што ги изведува тие удари, изјави шампионката на тенискиот гранслем-турнир САД опен, Ема Радукану, во интервју за „Би-би-си“.
Радукану рече дека е горда што е првата Британка што по 44 години освоила титула на гранслем-турнирите во поединечна конкуренција и дека уживала во секој момент поминат на САД опен во Њујорк и во искуството што го стекнала таму. Со победата над Лејла Фернандез, Радукану стана прва тенисерка што од квалификациите стигнала до финалето и освоила гранслем-трофеј. Со тој триумф, од 150-та таа сега е 23-та светска тенисерка на листата на ВТА.
– Не чувствував стрес и немав трема кога излегов на преполниот стадион. Многу се забавував таму и тоа ми помогна воопшто да не размислувам за нешта што се надвор од мојата контрола или што се случуваше надвор од теренот. Не бев расеана, само се фокусирав на она што треба да го направам и го направив – изјави Радукану, која откако се врати дома вели дека и покрај сѐ таа стои цврсто на земја и ужива во храната приготвена од нејзината мајка.
Таа смета дека силната љубов на незините родители ѝ дала ментална сила, за на толку млада возраст да ја освои својата прва гранслем-титула.
– Кога се вратив само силно ме прегрнаа, ништо лудо, ниту голема прослава. Доволно ми беше што ме уверија дека се горди на мене – рече Радукану, која додаде дека паричната награда од 1,8 милион фунти ја ставила на располагање на нејзините родители, за таа да може да се фокусира на она што го сака, тенисот, а тие да можат да се грижат за неа и за нејзините потреби.
Доколку добие покана, следен турнир на кој би можела да игра Радукану е Индијан Велс (од 7 октомври).
– Уште не сум разговарала со мојот тим за мојот распоред на турнирите. Поради промената во мојот пласман, опциите за учество на турнири малку се менуваат. Треба да седнеме да разговараме и да видиме што е следно за мене. Имав многу долги и интензивни седум недели. Навистина ми треба малку време да се регенерирам и да закрепнам пред да го одберам следниот турнир за мене – вели Радукану.