Откако екипата на велешки Борец не се појави во предвидениот термин во спортската сала во Кичево, а во пропишаното време на теренот беа судскиот пар Драган Јосифоски и Дарко Бежоски и домашните одбојкари, тоа беше сигнал за арбитрите да означат предвремен крај на натпреварот. Се очекува дека домаќините ќе дојдат до три бода по службен пат.

– За жал, последниот домашен натпревар во основниот дел од сезоната не го одигравме, бидејќи екипата на Борец од Велес не допатува во Кичево. Велешани своето не доаѓање во Кичево го најавија на еден час пред почетокот на натпреварот, што е надвор од секоја логика и далеку од прописите во одбојкарскиот спорт, бидејќи сите подготовки за овој меч ние ги завршивме на време, ја комплетиравме екипата, го изготвивме записникот, ги обезбедивме судиите и се што беше неопходно за одигрување на еден првенствен натпревар. Очекуваме службени бодови од овој натпревар и обезбедување на место во плејофот, што беше наша првенствена цел и пред стартот на сезоната, каде очекуваме да се сретнеме со екипата на Струмица –истакна директорот на ОК Шутова, Башким Мехмеди.

З.А.