Фото: ЕПА

ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЗА РАКОМЕТАРКИ

Кристијансанд сезонава освои тројна круна откако победи и во домашното првенство и во Купот на Норвешка. Кристијансанд ги освои европските титули и во 2021 и во 2022 година, а од тимот што ја освои првата титула пред две години, само три ракометарки играа во финалето годинава, пишува ЕХФ

Ракометарките на Вајперс Кристијансанд и трета сезона во низа триумфираа во Лигата на шампионите (ЛШ). Во големото финале на фајналфор-турнирот во Будимпешта (Унгарија), Норвежанките го совладаа домашниот претставник Ференцварош со 28-24. Кристијансанд сезонава освои тројна круна, откако победи и во домашното првенство и во Купот на Норвешка.

Голманката Катрин Лунде, која ја освои седмата европска титула, беше најзаслужна за конечниот триумф, со 17 интервенции, по шест пати мрежата ја затресоа нејзините соиграчки, Ана Вјахариева и Мартине Андерсен, а пет пати погоди Јамина Робертс. Десното крило Јана Кнедликова стана првата ракометарка што го освоила трофејот шест пати по ред, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Кристијансанд ги освои европските титули и во 2021 и во 2022 година. Од тимот што ја освои првата титула пред две години, само три ракометарки излегоа на теренот во финалето годинава, пишува ЕХФ.

Третото место го освои унгарски Ѓер, откако во малото финале поранешниот првак во неизвесен и драматичен меч минимално го совлада дански Есбјерг со 28-27 и ланското вицешампионско место го замени со трето. Во полуфиналните дуели, Кристијансанд го победи Ѓер со 37-35, а Ференцварош го победи Есбјерг со 30-29.

На фајналфорот беше поставен и нов рекорд според бројот на гледачи на еден женски ракометен меч. Второто полуфинале во ЛШ помеѓу Ференцварош и Есбјерг се одигра пред 20.022 гледачи, што е нов рекорд, објави ЕХФ. Претходниот рекорд беше поставен во финалето на Светското првенство во 2013 година, кога дуелот Србија – Бразил во Белград го гледаа 19.467 луѓе. Г.И.