Став за медиумите

Бранко Азески

Многу бизнисмени долго време ме прашуваат која е појдовната точка за излез од сегашната состојба. Анкетите што ги спроведовме во повеќе од 300 компании и разговорите што ги имавме со повеќе од стотина значајни личности од бизнисот и науката недвосмислено потврдуваат дека почетната точка треба да биде Декларацијата за општествен консензус што комората минатата година ја усвои на 100-годишнината од своето постоење.

Ако таа е потпишана од над 300 најзначајни наши компании, МАНУ, сите државни универзитети, сите бизнис-асоцијации, тогаш е јасно дека мора да се тргне од таму. Декларацијата на прост и едноставен начин констатира три работи: состојбата на македонската економија во моментот, причините за тоа и решенијата за излез.
Што значи тоа на разбирлив јазик? Тоа значи дека во наредните 10 години со општествен консензус потпишан од сите чинители, сегашни и идни креатори на економските политики, треба да ѝ се даде приоритет на економијата во однос на политиката за да се направи неопходниот пресврт.

Уште повеќе луѓе ме прашуваат како мислите со декларација да остварите таква значајна работа. Нашиот одговор е многу прецизен. Со потпишување договор за меѓусебните односи помеѓу приватниот и јавниот сектор, во кој ќе има прецизно наведени носители, временски рокови и други алатки потребни за неговото спроведување.

Врвен приоритет во тие 10 години обележани со економските активности мора да биде извозот. Тоа го потврдуваат сите оние што прашуваат, но и многу други што знаат што е решението на економските проблеми на една мала земја како што е Македонија.
Во тој контекст, в четврток, во Стопанската комора се организира стручна дебата каде што јас во улога на претседател на Националниот совет за извоз ќе разговарам со реномирани домашни и меѓународни претставници од бизнис-секторот и академијата.

Мои гости ќе бидат академик Гоце Петрески, кој ќе зборува зошто постојниот економски модел не може да испорача повисоки стапки на раст и која е улогата на извозот во забрзување на растот, професорот Дарко Лазаров, кој ќе зборува за клучните проблеми и слабости со кои се соочува македонскиот извоз и како да се надминат тие адресирани слабости, претседателот на Белгиската комора Оливер Вилокс, кој ќе го сподели искуството на Белгија како успешна извозно ориентирана и развиена економија, професорот од престижниот лондонски универзитет, Славо Радошевич, кој преку искуството на земјите од Југоисточна Европа ќе даде предлози како нашата економија подобро да се интегрира во регионалните и глобалните синџири на снабдување, и неколку наши успешни бизнисмени, кои ќе го споделат своето искуство за тоа како нивните компании станале успешни извозни компании и што е она што државата и комората треба да го направат за да бидат вистински сервис за извозните компании.

Бидејќи кажавме дека нема да се занимаваме со минатото, ние в четврток ќе поставиме една цел. Во наредните години двојно да го зголемиме процентот на компании што извезуваат, од сегашните 5 отсто на 10 отсто. И секако да го дуплираме бројот на производите – од 440 производи со компаративна предност да извезуваме двојно повеќе производи, а најголем дел од нив да бидат производи со висока додадена вредност.

Како ќе го оствариме тоа? Кај нас во комората е сосема јасно дека централно место ќе имаат Националниот совет за извоз, Советот на странски инвеститори и Клубот на извозници. Државата заедно со економската дипломатија исто така треба да изврши преструктурирање во економските ресори за да обезбедат директна поддршка на извозните компании, а нашите фирми ќе треба брзо да се преструктурираат и да се ориентираат кон извозните можности.

П.С. Кога зборувам за извозот ќе ја земам за пример Германија, која е најголемата економија во Европа и најважен трговски партнер на над половина од европските земји. За нас е број еден. Најголем трговски партнер на Македонија со вредност на извозот од 3.740 милиони евра. Но целиот наш извоз таму се сведува на 10 компании и 10 производи. Впрочем, 87,2 отсто од македонскиот извоз кон Германија го прават 10 компании, а 87,4 отсто од вкупниот извоз е базиран на само 10 производи. На крајот, од вкупниот извоз на Македонија во Германија, земјоделско-прехранбениот сектор како еден од нашите најзначајни стратегиски извозни сектор учествува со само 1 отсто. Ова е поразително, но од друга страна покажува колкав е нашиот неискористен извозен потенцијал што како земја го поседуваме и за кој сите заедно мора да работиме за да го искористиме!