Сметам дека ЕП со 24 репрезентации е во ред и системот е во ред, затоа што 12-те најквалитетни одат понатаму. Во иднина, преостанатите репрезентации што не се квалификуваа ќе мора да работат многу повеќе за наредното ЕП да биде уште поквалитетно и понеизвесно, вели ракометниот тренер Ристо Магдинчев
РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Системот на натпреварување на големите ракометни првенства е можеби најтежок во споредба со други екипни спортови, откако беше елиминирана четвртфиналната фаза. На Европското првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка по првата фаза, 12-те најдобри селекции, по две првопласирани (порано по три) од сите групи, формираа две групи со по шест репрезентации.
– Сметам дека ЕП со 24 репрезентации е во ред и системот е во ред, затоа што 12-те најквалитетни одат понатаму. Гледаме и двете групи се квалитетни и по мене се со еднаков квалитет, а единственото изненадување е селекцијата на Црна Гора. Во иднина, преостанатите репрезентации што не се квалификуваа ќе мора да работат многу повеќе за наредното ЕП да биде уште поквалитетно и понеизвесно. Можеби за нас не одговара ваквиот систем, но нѐ присилува да работиме поквалитетно за да бидеме конкурентни во иднина. Без тоа нема успех – смета македонскиот ракометен тренер Ристо Магдинчев.
Конкуренцијата сега по првата фаза е многу жестока, оти сите сакаат пласман во полуфиналето, а има место само за по две најдобри од двете групи. Околу најголемиот фаворит за титулата на ЕП 2022, Магдинчев смета дека конкуренцијата сега е голема.
– Се прошири конкуренцијата, така што Данска, Франција, Шпанија, Германија, Исланд, Шведска и Норвешка еднакво конкурираат за златниот медал. Мала предност ѝ давам на Данска – вели Магдинчев.
Вчера се играа првите натпревари од втората групна фаза во групите 1 и 2, а денеска се и мечевите од второто коло во групата 2 (Русија – Шпанија од 15.30 часот, Полска – Шведска од 18 ч. и Германија – Норвешка од 20.30 ч.).