Првпат и двете главни признанија заминаа кај голмани, и тоа за Никлас Ландин и за Сандра Тофт. Најдобри тренери за лани се селекторите на машката и на женската репрезентација на Данска, Јакобсен, односно Јенсен

РАКОМЕТ – ИХФ ГИ ПРОГЛАСИ НАЈДОБРИТЕ ЗА 2021 ГОДИНА

По три недели гласање, Светската ракометна федерација (ИХФ) ги избра најдобрите за минатата година, а Данците ги собраа сите награди. Првпат во историјата и двете главни признанија заминаа кај голмани, и тоа за Никлас Ландин во машка и за Сандра Тофт во женска конкуренција.
Ландин, кој извонредно го бранеше голот на Кил и на данската репрезентацијата, е и првиот ракометар воопшто што успева две години во низа да стигне до ова признание, нешто што не им успеало ниту на, на пример, Микел Хансен, Никола Карабатиќ, Ивано Балиќ и други славни ракометни имиња. Ландин освои 24,12 отсто од вкупниот број гласови, победувајќи го Швеѓанецот Џим Готфридсон (23,87 отсто). Кај жените, пак, три вакви признанија во низа (од вкупно четири) има романскиот лев бек Кристина Неагу. Тофт е првата голманка што стигна до ова признание по 20 години, откако тоа ѝ успеа на Норвежанката Сесилија Легангер. Тренери за изминатата година се селекторите на машката и на женската репрезентација на Данска, Николај Јакобсен (мажи, за златото на Светското првенство во Египет и за среброто на Летните олимписки игри во Токио, лани), односно Јаспер Јенсен (жени).


НАЈДОБРИ ЗА 2021 ГОДИНА ВО ИЗБОР НА ИХФ

МАЖИ
ракометар Никлас Ландин (Данска/Кил)
тренер Никола Јакобсен (Данска)

ЖЕНИ
ракометарка Сандра Тофт (Данска/Брест)
тренер Јаспер Јенсен (Данска/Есбјерг)