И овој пат има големи изненадувања и нејаснотии, кои сигурно ќе предизвикаат бурни реакции, како кај клубовите така и кај спортистите
Агенцијата за млади и спорт (АМС) петта година во низа ги распредели ваучерите за клубовите, спортистите и за спортските федерации. И овој пат има изненадувања и нејаснотии, кои сигурно ќе предизвикаат бурни реакции, како кај клубовите така и кај спортистите.
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) очекувано има најголем ваучер од сите федерации, 14.000.000 денари, Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) ќе инкасира 12.300.000 денари, а на трето место е Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) со 10.000.000 денари.
На клупски план гледано, АМС реши на двата фудбалски клуба Шкупи и Шкендија да им додели еднакво најголеми ваучери од по 11.500.000 денари, додека Академија Пандев доби 10.500.000 денари. Второлигашот Пелистер доби 6,200.000 денари, а скопски Вардар само 1.900.000 денари!
Кај ракометните клубови, најголемиот ваучер го има кај Вардар (17.000.000), додека Бутел и Пелистер имаат ист вредносен ваучер (15.500.000) иако битолчани настапуваат во Европската и во Регионалната лигата. Кај кошаркарските клубови, МЗТ Скопје очекувано доби најголем ваучер (13.000.000), додека зад него е ТФТ (11.000.000), а трет е Пелистер (9.000.000)
Поединечно гледано, пак, кај спортистите најголемиот ваучер од 500.000 денари го доби таеквондистот Дејан Георгиевски, освојувач на сребрен медал на последните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Зад него со 360.000 денари е борачот во слободен стил Владимир Егоров, кој освои злато на Европското првенство (ЕП) во Будимпешта 2022 година, а трет е исто така борачот Могамедгаџи Нуров со 310.000 денари. Г.И.