Одлично поставените организациско-инфраструктурни капацитети, пријателскиот прием, како и верните ракометни навивачи, се пример за страсна ракометна нација, но и за способноста да се испорача спортско доживување од светски калибар. Другарството и спортскиот дух се најверодостоен доказ за инклузивниот дух на спортот што нѐ обединува сите, рече меѓу другото Хасан Мустафа, претседател на ИХФ

ЗАВРШИ СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО СКОПЈЕ ЗА РАКОМЕТАРКИ ДО 20 ГОДИНИ

Репрезентацијата на Франција за ракометарки до 20 години е новиот светски првак откако во финалето на 24. Светско првенство (СП) во Скопје ја совлада Унгарија со 29-26. За Французинките ова е прва светска титула во оваа категорија. Холандија го освои бронзениот медал откако во мечот за третото место ја победи Данска со 34-28. Унгарија и Холандија го повторија успехот од СП 2022 во Словенија. Македонските ракометарки го освоија 16-то место. Ракометната федерација на Македонија (РФМ) беше успешен домаќин и организатор на СП 2024, на кое вторпат настапија 32 селекции и беа одиграни 116 натпревари во СЦ „Борис Трајковски“ и СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Голем дел од мечевите на СП 2024 проследи и претседателот на Светската ракометна федерација (ИХФ), Египќанецот Хасан Мустафа.
– Одлично поставените организациско-инфраструктурни капацитети, пријателскиот прием на ракометарките, тренерите и на официјалните лица, како и верните ракометни навивачи, се пример за страсна ракометна нација, но и за способноста да се испорача спортско доживување од светски калибар. Другарството и спортскиот дух се најверодостоен доказ за инклузивниот дух на спортот што нѐ обединува сите – рече Мустафа, потенцирајќи благодарност во свое и во име на ИХФ до домаќините на уште едно успешно реализирано СП.
РФМ за организацијата на овој настан вклучи 110 волонтери, 32 водичи на селекциите, 27 скаути, седум одговорни лица на сали, 10 професионалци од РФМ, 10 офицери за допинг-контрола, 18 медиумски работници, технички лица за спроведување на мечевите, лица задолжени за забавниот дел, како и лица задолжени во делот на техничка поддршка и опрема. Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, упати посебна благодарност до ИХФ, за полната доверба што оваа институција ѝ ја довери на РФМ за менаџирање спортски настани од највисок организациски ранг.
– Би сакал да им се заблагодарам на сите што беа вклучени во овој проект, вредните волонтери, многубројните спортски работници, тимот во РФМ, партнерите од доверба, медиумите, нашите поддржувачи, сите што веруваа дека можеме да се справиме со уште еден ваков голем проект. Се надевам дека оваа заемна доверба и соработка и силното спортско партнерство ќе продолжат да се надградуваат и во иднина – рече Мукаетов.
Ова СП беше 10-ти настан од висок ранг во организација на сегашното раководство на РФМ, со организирани шест европски и четири светски првенства, од кои девет во младинска и едно во сениорска конкуренција.
Олстар-тим на СП 2024: голманка: Клара Зај (Унгарија). Десно крило: Ман Ерар (Франција). Десен бек: Алиеке ван Маурик (Холандија). Централен бек: Елин Клара Торкелсдотир (Исланд). Лев бек: Леа Фараго (Унгарија). Лево крило: Матилде Вестергард (Данска). Пикер: Лилу Пинта (Франција). Најкорисна ракометарка: Лилу Борг (Франција). Најефикасна ракометарка: Јелена Вукчевиќ (Црна Гора, 74 гола). Г.И.