РАКОМЕТ – „ТРОФЕЈ КАРПАТИ“

Младинската репрезентација на Македонија за ракометари до 20 години, предводена од селекторот Раде Стојановиќ, го освои второто место на традиционалниот меѓународен турнир „Трофеј Карпати“, откако го загуби третиот и последен натпревар на турнирот, од домаќинот Романија, со 32-36. Романија со три победи го освои првото место. Во овој меч 10 гола за црвено-жолтите постигна Мирче Калајџиески, а седум Димитар Узунчев. Средниот бек Калајџиески беше прогласен за најкорисен играч на турнирот (МВП), а пикерот Ристевски за најдобар дефанзивец. На „Трофеј Карпати“, кој беше дел од подготовките за настап на Европското првенство в година во Словенија, македонските младинци забележаа две победи, на дуелите со Саудиска Арабија (39-27, најефикасен беше Ненад Белистојаноски со пет погодоци) и со Словачка (33-23, најефикасни Узунчев со 10 и Самоил Ристевски со седум гола). Г.И.