РАКОМЕТ – УТРЕ ВО СЛОВЕНИЈА ПОЧНУВА ЈУНИОРСКОТО ЕП 2024
Македонија во групата А ќе игра и со Хрватска и со Австрија. Првопласираните селекции од шесте групи, како и најдобрите две второпласирани репрезентации, одат во главната групна фаза. На претходните пет учества најдобриот пласман на црвено-жолтите е четвртото место во 2002 г.
Во словенечкиот град Целје утре почнува 14. Европско првенство (ЕП) за ракометари до 20 години, на кое ќе настапи и репрезентацијата на Македонија, предводена од селекторот Раде Стојановиќ. За црвено-жолтите ова ќе биде шесто учество на вакво ЕП, а најдобриот пласман е остварен на ЕП 2002, на четвртото место. Македонија првпат настапила на ЕП во 2000 година (деветто место), а играше и во 2006-та (15-та), 2014 година (16-та) и во 2016 година (15-то место). Македонија на ЕП 2024 првиот натпревар во групата А ќе го игра утре со Црна Гора (12 часот), а потоа се дуелите со Хрватска (четврток, 12 ч.) и со Австрија (сабота, 14.20 ч.). Првопласираните селекции од шесте групи, како и најдобрите две второпласирани репрезентации, одат во главната групна фаза.
Македонската селекција имаше резултатски успешен подготвителен период, совладувајќи ги по двапати Словачка (29-17 и 30-25) и Грција, на гости (28-24 и 27-18). Првиот ривал, Црна Гора, досега настапила само на едно ЕП, во 2022 година, каде што била последнопласирана, 16-та. Хрватска, која е фаворит за висок пласман, има 10 учества, најдобриот резултат ѝ е сребрениот медал во 2012 година, а на минатото ЕП била 14-та. Австрија има четири настапи, а последен пат во 2014 година кога го освоила шестото место, што е нејзин најдобар пласман. Досега најуспешна селекција во оваа конкуренција е Данска со четири злата, по три имаат Германија и Шпанија, а по едно Словенија, СР Југославија и Полска. Актуелен првак е Шпанија, која пред две години во финалето го совлада домаќинот Португалија со 37-35, а бронзениот медал го освои Србија, која славеше на мечот со Шведска со 30-26. Г.И.
ЕП 2024, ПРВО КОЛО, УТРЕ
Група А: Црна Гора – Македонија, Хрватска – Австрија
Група Б: Португалија – Грција, Германија – Србија
Група Ц: Ф. Острови – Швајцарија, Шпанија – Франција
Група Д: Норвешка – Романија, Унгарија – Чешка
Група Е: Данска – Италија, Словенија – Израел
Група Ф: Исланд – Украина, Шведска – Полска